Македонија 12376564_10156271047585551_2616635456907197484_n

12 декември, 2015

Боби Андонов потпиша за „Холивуд рекордс“!

Одамна ни беше јасно дека на Боби Андонов му претстои светска кариера, а доказ за тоа е штотуку потпишаниот договор за американската издавачка куќа „Холивуд рекордс“, која е дел од „Дизни мјузик груп“. Талентираниот музичар, кој зад себе има бројни одлични преработки на светски хитови, како и неколку авторски песни, веста ја соопшти преку социјалните мрежи.

„Возбуден сум што можам и официјално да ви соопштам дека потпишав договор со ’Холивуд рекордс’. Зад мене го имам најкреативниот тим и би сакал да им се заблагодарам на Кен Бант, Мио Вуковиќ, Мајк Дали, Сем Вотерс и Џереми Мор што веруваат во мене! Ова ќе биде почеток на нешто прекрасно и едвај чекам да започне“, напиша Андонов, а ние сме уште посреќни за овој негов успех!

„Холивуд рекордс“ е основана во 1989 година од страна на Мајкл Даман Ајзнер, тогашен директор на компанијата „Волт Дизни“, а во моментов се грижи за кариерите на музичари како што се легендарните „Квин“, Деми Ловато, Зендеја, Сабрина Карпентер, Грејс Потер и други.

Инаку, сигурно се сеќавате дека Боби во 2008 година ja претставуваше Македонија на детската Евровизија со песната „Прати ми СМС, се прослави и со учеството на Австралија има талент“ во 2010 година, a оттогаш претстави неколку оригинални песни (Saving You, „Broken“, „War Is Love“, Fall Into My Love), како и преработки на познати хитови („Stay“ од Ријана, „Wrecking Ball“ од Мајли Сајрус, „LSD“ од Ејсеп Роки), a се потпиша и како коавтор на песна од познатиот холански диџеј и продуцент Афроџек. Неговиот вокал често го споредуваат со оној на Хари Стајлс од „Уан дајрекшн“, па токму затоа на Јутјуб можат да се слушнат некои негови песни под името на британскиот пејач, како што е случајот со неговата последна авторска песна „Do You Still Love Me“.

Во нашето прво интервју, Боби ни откри дека Тоше е неговата најголема инспирација, како и дека би сакал да соработува со Канје Вест и „Колдплеј“, а би снимил дует со Адел, па сè поголеми се можностите овие желби да му се остварат!

И.Ј.



Врати се горе ↑