Македонија

1 јули, 2017

Блуз гитаристот Дамир Пух го објави својот прв албум

Гитаристот Дамир Пух, по многу години свирење, конечно го објави својот прв соло албум, насловен „Recollection“. Станува збор за албум составен од девет композиции, кои се инструментални, без вокална интерпретација. Главната одлика на „Recollection“ се гитарските делници, кои Дамир Пух ги свири беспрекорно и со многу емоции.

„Се потрудив ова парче музика да не биде компилација од матрици над кои покажувам како и колку знам да свирам, туку да биде сублимат на издржани композиции со силен музички израз. Се надевам дека барем делумно успеав во замислата“, вели Дамир за своето прво албумско издание.

Според најавите, „Recollection“ ќе биде и концертно промовиран во почетокот на есента. За тој концерт Дамир ќе покани уште неколку музичари што ќе придонесат за комплетната свиречка атмосфера. Инаку, албумот веќе е објавен на цеде и може да се набави во продавницата „1/2 Југотон“, по цена од 300 денари. Оние што повеќе претпочитаат дигитален формат, албумот можат да го купат преку интернет-продавницата „Цеде бејби“, а наскоро и преку „Ајтјунс“, „Амазон“, „Гугл плеј“ и „Спотифај“.

 

Иако ова е прв албум на Дамир Пух, сепак, тој не е ново име на домашната сцена. Во светот на музиката влегува на 13-годишна возраст, кога почнува да свири гитара. Тогаш негова инспирација биле големите гитаристи како Џими Хендрикс, Стиви Реј Вон, Гери Мур, Џими Пејџ, Ричи Блекмур и многу други. Неговиот музички развој беше воден од желбата да истражува различни музички жанрови.

Досега Дамир има освоено голем број награди. Во 2008 година, Дамир беше дел од групата „Паралел јуниверс“, со која настапуваше на „Рок фест“, каде што беше прогласен за најдобар гитарист на фестивалот. Две години подоцна учествуваше на гитаристичкиот натпревар „Мастер 2010“ во Загреб каде што беше еден од 6-те финалисти од Балканот. Истата година победи на меѓународниот натпревар „Лајв 4 гитар“, а во 2012 година победи исто така на меѓународен натпревар што се одвиваше на Интернет. По две години тој повторно освои меѓународна награда на натпреварот „Теорија на шесте жици“. Таму беше прогласен за најдобар рок-гитарист, а во жирито тогаш беа славните гитаристи Стив Ликатер, Џо Бонамаса, Џо Сатријани и Брент Менсон. Последната награда дојде во 2014 година кога влезе во финалето на натпреварот „Гитар ајдол“. На завршниот натпревар тој заедно со другите 7 финалисти од целиот свет, настапи во Лондон.

Извор: Нова Македонија



Врати се горе ↑