За Вас

11 јуни, 2018

Блиц-издание на „Румор шоп“ во Скопје

Гласините започнуваат од едно уникатно студио од Охрид за да се претворат во нешто допирливо кое повторно доаѓа во Скопје. „Румор шоп“ (Rumor shop) – Охрид ќе ја отвори својата блиц-изложба (Rumor PopUp) во вторник, 12.06.2018, во 17.00 часот на ул. Наум Наумовски Борче во самата близина на „Суши ко“, „Мед кичн“, „7 грама еспресо“ и „Кофи фактори“.

Овој сезонски „поп-ап“ (PopUp) е само мал, но омилен дел од тоа што се подготвува од колекциите на „Румор“ и ќе биде отворен за посетители од 12 до 22 јуни од 12.00 до 20.00 часот. Веќе од септември, „Румор“ ќе биде надополнет и надграден и на истата локација посетителите ќе може да се впуштат во откривање на нови димензии на својот идентитет.

На оваа изложба ќе бидат вклучени и најпопуларните парчиња од колекциите како Rumor Collection, Monographie, Risto, SEV, Sibling, и други, кои веќе имаа свои фанови. Целта е да се откријат најновите модни насоки прилагодени за македонскиот пазар за Пролет/Лето 18. Оваа сезона ќе биде претставена и новата колекција на обувки на „Румор“, со посебен акцент на практичноста кај секој од моделите.

Rumor се враќа повторно кон оригиналната идеја за да биде јадро кое ќе овозможи развивање на домашниот талент. Некои домашни колекции ќе бидат за прв пат изложени. И затоа една од поентите на овој поп-ап е да се запознаат домашните артисти и артизани со кои ќе може да се оствари идна соработка да бидат дел од колекциите продавани од „Румор шоп“.



Врати се горе ↑