Македонија foto - masterklas

11 март, 2013

Благој Нацоски по петти пат во Јапонија

Најпознатиот македонски тенор се наоѓа на двонеделна турнеја во Јапонија, каде вчера (10-ти март) дебитираше во улогата на Неморино во операта „Љубовен напиток“ од Гаетано Доницети. Претставата во полуконцертна изведба се одржа во Рјутопија Центар во Ниигата каде Нацоски веќе има настапувано на концертот „Три тенори“ во 2008 година. Партнерка во улогата на Адина му беше јапонката Нобуко Такахаши, Дулкамара го толкуваше Матео Пеироне од Италија, а во останатите улоги настапија јапонски уметници. Рјутопија Центарот е најпрестижната концертна сала во градот Ниигата и оваа година слави јубилеј од 15 години.

Во изминатата седмица, во организација на Рјутопија Центарот, Нацоски одржа и Мастерклас за студентите по оперско пеење од различни универзитети на Јапонија.

По „Љубовниот напиток“ следува Гала Оперски концерт во Токио во салата Нипори Сани Хол, во организација на „Токио Опера“ заедно со јапонски и италијански уметници, како и женски хор од Токио. По негова иницијатива концертот ќе биде завршен со обработка на две македонски народни песни во изведба на јапонскиот хор, а во едната ќе настапи заедно со нив.

„Прекрасно искуство беше да се работи со студентите, односно студентките по пеење од Јапонија, со оглед на фактот дека на мастерот учествуваа само припаднички на понежниот пол. Нивната дисциплина и “послушност” се навистина на завидно ниво, во смисол што максимално се трудеа да го направат она што го барав од нив во изведбата на различните дела. Што се однесува до Неморино, одамна имам желба да ја пејам оваа улога од која уште од студентските денови често ја пејам познатата арија “Una furtiva lagrima”, но ете по некоја случајност целата улога досега ја немав отпеано. Се радувам и што повторно сум во Ниигата и во прекрасниот Рјутопиа Центар“ – изјави Нацоски.

По настапите во Јапонија, на 12-ти април Нацоски ќе настапи во Театарот „Томазо Траета“ во Бари, и тоа со концерт посветен на македонските современи композитори. По успешниот таков концерт во Рим минатата година, ова е втор негов рецитал од овој вид.



Врати се горе ↑