Македонија bn

10 октомври, 2015

Благој Нацоски одржа концерт во театарот „Сан Карло“ во Неапол

Македонскиот тенор Благој Нацоски, вчеравечер (9 октомври) со почеток од 20 часот одржa концерт со хорот и оркестарот на театарот „Сан Карло“ во Неапол, во чест на 300 годишнината од раѓањето на композиторот Пасквале Кафаро. На концертот кој се одржа на „Дуомо ди Наполи“ настапија и мецосопранот Адриана Ди Паола, сопраните Росана Савоја и Мари Пјер Руа, под диригентската палка на маестро Пјетро Боргоново.

Театарот „Сан Карло“ во Неапол, кој е настар во Европа, важи за една од најпрестижните оперски куќи во светот, а оваа година беше избран за најубав театар во светот од страна на „Бест фајв“ (Best Five) и од „Нејшнал џиографик“ (National Geographic).

До крајот на овој месец Нацоски ќе биде ангажиран во нова продукција на операта „Дон Џовани“ од Моцарт во Сасари, инаку вкупна десетта во неговата кариера, а веднаш потоа заминува за Јужна Кореја каде ќе го пее „Севилскиот берберин“ од Росини. На крајот на ноември ќе одржи рецитал во Милано, а ќе го изведе „Dicherliebe“ од Шуман како и македонски вокални дела од Прокопиев, Скаловски, Фирфов, Џамбазов, Голабовски, Коларовски, Андреевска. Во текот на месец декември ќе го пее повторно Дон Отавио во Дон Џовани во Потенца, Италија.

Македонскиот тенор на почетокот од септември дебитираше на Кипар толкувајќи ја улогата на принцот Рамисо во операта „Пепелашка“ од Росини, на „Пафос Афродите фестивал“, а потоа следеше и деби во Шпанија и тоа со целовечерен рецитал на „Фестивал Опера Беникасим“, каде насловите во весниците по концертот гласеа „Белкантото на Нацоски го трогна Беникасим“.

 



Врати се горе ↑