Настани js

10 август, 2015

Битолското „Џез Сценарио“ со освежен состав и бројни настапи ширум Македонија

Битолскиот состав „Џез Сценарио“, кој во изминативе неколку години успеа да го привлече вниманието на бројни љубители на квалитетната џез и поп музика, освежен со нови членови и збогатен репертоар, заминува на мини турнеја низ Македонија.

Првата станица им е токму родната Битола, каде што своите сограѓани ќе ги почестат со 2 концерти, првиот од нив во рамките на битолското културно лето „Бит  фест 2015“ , закажан за в четврток, 13 август, пред Домот на армијата. Потоа, на 16 август (недела), со музиката на „Џез Сценарио“ ќе се ужива на плоштадот во Крушево, а на 23 август (недела) во кафулето „Албум“ во Струга.

Есенскиот дел од турнејата повторно ќе започне од Битола, кога на 30 октомври ќе настапат во култниот „Порта џез“, а во ноември доаѓаат и во Скопје. Дел од концертите (Битола, Крушево и Струга) се поддржани од Министерството за култура на Р. Македонија.

Инаку, „Џез Сценарио“ претставува формација на Биг бенд со минимален состав на професионални изведувачи инструменталисти. Бендот е формиран во 2012 година, а како негов лидер и композитор се истакнува Вангел Мажевски. Бендот изведува преработки на џез музика, но исто така во програма вклучува и изведби на дела коишто се познати во музичката поп култура.

Членови на бендот:

Уметнички раководител, композитор, аранжер и пијанист – Вангел Мажевски

Вокал – Јасна Мажевска

Бас гитара – Дарко Бошков

Гитара – Бојан Гажоски

Ударни инструменти – Ратко Крапчев

Труба – Христо Саракинов

Тромбон – Гоце Костурски

Алт саксофон – Марјан Будиноски

Тенор и алт саксофон – Петар Христов



Врати се горе ↑