Промоции 10981871_10153663833454816_7924290415788390802_n

20 март, 2015

Битолчаните „Спенк“ го промовираат новиот албум

Битолскиот панк-рок и ска бенд „Спенк викендов во Скопје и Куманово ќе го промовира третиот студиски албум „Spank Stuck“. Во своето повеќе годишно постоење овој бенд, во кој членуваат Владко Симоновски, Мирко Пејковски и Иле Лулевски, креира оригинална авторска музика и претставува бенд којшто со својата позитивна енергија и енергични настапи, преку панк-рок музика влева оптимизам, надеж и уште едно културно будење кај младата популација.

Дел од песните на новиот албум се „Разум“, „Утопија“, „Живеам“, „Вистина“, „Духови“, „Празни зборови“ и други. Пред новата година го промовираа видео записот за песната „New Day”, со која го најавија овој трет албум. „Спенк“ зад себе има два албума, еден е самоиздадениот демо албум „Chose Your Side” и „One Step Ahead” под етикета на „Сикстинајн рекордс“. Овие два албума содржат оригинални авторски песни на македонски и англиски јазик, коишто се проследени со многубројни настапи низ Македонија и пошироко.

Дел од тие настапи се „Земјотрес“, Куманово стрит фест“, гости на култниот „Рок фест“, македонска турнеја организирана од „Таксират“, многубројни клупски настапи, „Балкан јут фест“ во Бугарија, „Тилт фест“ заедно со „Ајсбрн“ и „Памперс“, како и „Лејк фест“ во Црна гора, каде што бендот ја делеше сцената со познатите „Хладно пиво“, „Електрични оргазам“ и многу други. Исто така, „Спенк“ се појавија на документарен филм за битолската рок сцена.

На албумот работеа една година, а материјалот ќе го промовираат викендов во Скопје и Куманово, по што ќе следи и промоција во родниот град, откри Симоновски за битолската телевизија „Тера“. Интересно е тоа што илустрацијата на обвивката е дело на еден од членовите на бендот, Мирко Пејковски: „Илустрацијата има симболика, којашто јас би оставил на нашите фанови да ја сфатат сами“, рече Пејковски.

По промоциите во Македонија, „Спенк“ заедно со колегите од „Новиот почеток“ во јуни ќе заминат и на европска турнеја. За крај уживајте со нивната најнова песна „Your God“.

Извор: Тера.мк

 



Врати се горе ↑