Свет

30 јануари, 2019

„Битлси“ најавија нов филм во соработка со Питер Џексон

Од околу 55 часа видео-снимки и 140 часа аудио-материјали ќе се роди новиот документарен филм за последните денови на легендарниот британски бенд „Битлси“, на кој ќе работи прочуениот новозеландски режисер Питер Џексон. Станува збор за досега необјавени снимки од снимањето на последниот албум „Let It Be“, на кој фантастичната четворка работеше во периодот од 2 јануари до 31 јануари 1969 година, а ќе кулминира со нивната последна свирка на покривот на „Епл“ во Лондон што се случи пред точно 50 години.

 

„Материјалите што ни стојат на располагање гарантираат уникатно искуство за какво што сонуваат сите обожаватели на ’Битлси’ – временска машина што ќе нè однесе назад во 1969 и ќе направи да се чувстуваме како да седиме со овие четири пријатели што прават одлична музика заедно“, рече режисерот на култниот серијал „Господарот на прстените“.

„Навистина ми олесна кога открив дека реалноста е многу поинаква од митот“, продолжи тој и објасна дека откако ги прегледал и преслушал снимките што ги направил Мајкл Линдзи-Хог 18 месеци пред распадот на групата, сфатил дека станува збор за вистинско историско богатство. „Секако дека има и моменти на драма, но да се видат Џон, Пол, Џорџ и Ринго како работат заедно и ги создаваат сега веќе легендарните мелодии, е навистина фасцинантно, забавно и изненадувачки интимно“, дополни тој.

Image result for peter jackson beatles

Снимките ќе ги реставрираат Кларе Олсен и Јабез Олсен, кои се прославија со неодамнешната работа на документарецот од Првата светска војна – „Тие никогаш нема да остарат“ (They Shall Never Grow Old), давајќи им нов живот и обојувајќи ги историските црно-бели снимки, за што заработија и номинација за БАФТА. Процесот ќе се одвива во „Парк роуд пост“ во Велингтон, Нов Зеланд, користејќи ги најновите техники за реставрација.

Во соопштението за филмот се наведува и дека истиот ќе се прави со согласност и во соработка со Пол Макартни и Ринго Стар, како и со сопругите на починатите колеги Џон Ленон и Џорџ Харисон – Јоко и Оливија. Сè уште неименуваниот документарец засега нема официјален датум на објавување, но ќе ја наследи претходно потврдената реставрирана верзија на оригиналниот филм „Let It Be“ во режија на Мајкл Линдзи-Хог, закажан за следната година.

 

 

 

 



Врати се горе ↑