1 септември, 2016

„Бионда“ дебитираат со „Ако си одиш“

„Ако си одиш“ е насловот на првата авторска песна на дуото „Бионда“, кое изминатиов период беше актуелно по прекрасните преработки на македонски хитови, како што се „Не живеам за другите“ од Дани, „Во бестрага“ од Брејк и „Ти си тој“ од Лидија Кочовска.

Составено од Бојан Дамјаноски и Весна Илиќ-Павловска, дуото одлучи за својата прва песна довербата да им ја даде на познатите хитмејкери Лазар и Магдалена Цветкоски.

„Песната ја работевме со Лазе и Ена и овојпат се потрудивме да направивме нешто поинакво, а секако и со тоа официјално да ја започнеме нашата музичка кариера. Оваа песна е за секое уво и може секој да си ја доживее како што му одговора. Екипата со која работевме е прекрасна и соработката ќе продолжи и во иднина. Уште отсега може да најавиме многу нови работи од нас“, велат Бојан и Весна од „Бионда“.

„Ако си одиш“ стигна заедно со видео запис, чија режија ја потпишува самиот Бојан, за снимањето беше задолжен Гого Клинчаров, Дарко Данилов го управуваше дронот, а Елеонора Марк беше одговорна за шминката. Како изгледа авторското првенче на „Бионда“ можете да погледнете горе. Уживајте!



Врати се горе ↑