9 ноември, 2015

„Био сам лош“ е новиот сингл и видео запис на „Електрични оргазам“

„Електрични оргазам“ го објави новиот сингл и видео запис насловен „Био сам лош“ пред славеничката турнеја по повод 35 години постоење, во чии рамки настапи во бројни градови ширум Србија, а на 26 декември ќе ја заокружи со голем концерт во Домот на млади во Белград. „Био сам лош“ е првиот најавен сингл од новиот албум со работен наслов „Где смо сад?“, кој белградскиот бенд планира да го објави следната година.

Поминаа пет години од цедето „То што видиш то и јесте“, и фронтменот Срѓан Гојковиќ – Гиле вели дека сега е вистинскиот момент бендот да го најави новиот албум, „кој ќе има девет песни, а ќе му претходат најверојатно уште неколку синглови“.

Некогашниот лидер на рокенол бендот „Револвери“, Владимир Јакшиќ – Муса беше логичен избор за режијата на видео записот за „Био сам лош“, со кого „Електрични оргазам“ соработувале и порано, за видео записите „Ти то можеш“ и „Где год одем“. Покрај тоа, на годинешниот албум на Јакшиќ – „На путу невероватноќе“, се најде песната „Немам више ниједан дан“, која ја напиша Гојковиќ.  Спотот за таа песна ја режираше Јакшиќ.

„Соработката со Муса трае мошне долго. Работев со него и порано, во деведесеттите продуцирав еден сингл за ’Револвери’, а (гитаристот на ’Електрични оргазам’, Бранислав Петровиќ) Банана и (басистот Зоран Радомировиќ) Шваба во еден период свиреа со ’Револверите’“, потсетува Гојковиќ.

Комплетирани се и датумите за славеничката турнеја на групата, која ги опфаќа следниве локации: 14 ноември во клубот „Риплагд“ во Виена, 27 ноемви во „Поило“ во Лазаревац и 28 ноември во „Градска пивница“ во Пожаревац, а потоа следат и „Паладиум“ во Панчево на 4 декември, на 5 декември во театарскиот клуб во Бечеј, 12 декември во „Балкан рок клуб“ во Смедеревска Паланка и 18 декември во „Фабрика“ во Нови Сад.

„Веќе свиревме во Загреб, Ријека, Умаг, во Македонија… ова е српскиот дел од турнејата. Првиот концерт е во Виена, каде што живеат многу Срби. Така што започнуваме од дијаспората“, објаснува Гојковиќ.

Турнејата ќе ја крунисаат со гореспоменатиот концерт во Белград.

Фотографии: Бранко Гавриќ



Врати се горе ↑