Концерт 10505600_684736111605303_7929358939203983890_n

26 јуни, 2014

Били Ајдол: „Дали сте подготвени за рокенрол?! Јас сум!“

Сите подготовки за големиот концерт на легендарниот Били Ајдол кој ќе настапи на овогодишниот фестивал „Скопје Гори 2014“ кој ќе се одржи на 27 јуни (петок) на Скопско Кале – Open Air се во завршна фаза, јавуваат од Авалон продукција. Вратата на концертниот простор се отвора уште во 19 часот, а прогресивниот македонски бенд Протагонист кој ќе го отвори фестивалот, на сцена ќе биде во 20.00 часот. Како што претходно Ве информиравме, бендот Протагонист е оформен во 2010 година од страна на: Р.С.Раш – вокал/гитара и пиjано, Кузман – гитара/клавијатури/програмирање и пиjано, Едмонд – програмирање/клавијатури и ефекти. Нивниот деби албум „No Exit Museum”, кој треба да се појави оваа година е мастериран од страна на Сајмон Хејворт (Ник Кејв, Мајк Олдфилд, Брајан Ено, Депеш Мод, Симплс Мајндс…).

После нив, како специјални гости на Били Ајдол, сцената им припаѓа на нашата супер група ТЕМПЕРА, која е оформена 2013 година во Скопје, а во неа членуваат музичари со огромно искуство, кои учествувале или соработувале со најголемите и најкултните македонски бендови: Архангел, Мизар, Кисмет, Влатко Стефановски Трио

Драган Гиновски – Гино – гитарист и композитор, Ѓоле Максимовски – бас гитара и композитор, Мите Димовски – тапанар/ композитор/ аранжер/ продуцент, Тања Тас – вокал и текстописец.

ТЕМПЕРА на бина ќе бидат во 21.00 часот, пристигнуваат од Белград каде што имаа фантастичен настап како специјални гости на Били Ајдол на фестивалот „Belgrade Calling 2014“. Ќе го промовираат својот деби албум „ИГРАЈ!“ којшто македонските и балканските критичари веќе го сместија во еден од најдобите за оваа година.

Финалето на рокенрол маратонот на Скопско Кале – Open Air му припаѓа на една од најголемите рокенрол ѕвезди во историјата, неповторливиот Били Ајдол, кој на големата сцена на овогодишното „Скопје Гори“ ќе се појави во 22.00 часот.

„Дали сте подготвени за рокенрол, јас сум! Дали сте подготвени за сериозно рокенрол доживување под отворено небо, ќе биде жешко во Скопје, жешко на Скопското кале“, со овие зборови Били Ајдол испрати поздрав до сите фанови кои планираат да дојдат во петок вечер на Скопско Кале – Open Air на овогодинешното „Скопје Гори“.

„Иако настапуваме со Били Ајдол и во Белград, секако дека настапот во Скопје за нас како бенд е повозбудлив, затоа што ќе настапуваме пред сопствена публика која нè знае и нè следи со години. Ќе го свириме целиот материјал од албумот „Играј!“. Во Белград ќе ги браниме боите на Македонија, а во Скопје сме домаќини. Компатибилни сме со Били Ајдол во музичкиот израз, во гитарските рифови. А ако Били Ајдол го има Стив Стивенс, ние го имаме Драган Гиновски -Гино“, изјави Мите Димовски од ТЕМПЕРА.

Своето задоволство не го кријат ни младите Протагонис: Чест ни е да настапуваме на иста сцена со Били Ајдол. Ќе го промовираме нашиот прв албум, кој е семиконцептуален и кој треба да се појави оваа година “.

Влезниците по цена од 1000 денари – ПАРТЕР и 1500 денари – ФАН ПИТ се во продажба преку продажната мрежа и онлајн на www.kupikartizase.com како и преку продажната мрежа ма мк.тикетс и сите салони на ОНЕ.

„Апелираме и замолуваме, сите посетители кои ќе присуствуваат на концертот на Били Ајдол, да дојдат порано со цел да се избегнат гужви и доцнење, а исто така своите автомобили да ги паркираат во центарот на градот, со цел побезбеден и поорганизиран пристап до влезовите на Скопско Кале!“, велат организаторите.

 



Врати се горе ↑