Македонија skjaz

11 септември, 2013

Билетите за „Скопски Џез Фестивал“ се во продажба

Пуштени се во продажба билетите за 32-рото издание на Скопскиот џез-фестивал, што оваа година ќе се одржува од 17-21 октомври. На првата вечер во МОБ ќе настапат британско-словенечкиот тандем Еван Паркер и Златко Каучич и Британците Гет д’ Блесинг за кои цената на влезницата е 400 денари.

Билетот за настапите на норвешкото дуо Сидсел Ендресен/Стиан Вестерхус и на квартетот на легендарниот американски гитарист Џон Аберкромби на 18-ти октомври во МОБ, се продава по цена од 600 денари.

Уживањето во балканската премиера на проектот „Balkan Fever” со харизматичниот диригент Кристјан Јарви, Македонската филхармонија, Влатко Стефановски, Мирослав Тадиќ и Теодосиј Спасов (19-ти октомври, Универзална сала), ќе чини 800 денари.

Исто толку чини и влезницата за следната вечер во Универзалната сала, на којашто ќе се претстави легендарната џез-пејачка Касандра Вилсон со бендот Harriet Tubman, како и џез-иконата Роско Мичел со своето трио. И конечно, за концертите на славниот Дејв Холанд и неговиот последен проект Prism и на новата ѕвезда на европскиот џез Ибрахим Малуф, на последната фестивалска вечер во Универзалната сала, посетителите ќе платат 600 денари.

Полноќните концерти, што ќе се одржуваат од 18-21 октомври во „Сити Хол Центар“ (поранешниот клуб „Хард-рок“), со настапите на Reut Regev’s R*Time, Nicola Conte Combo, Peter Evans Zebulon Trio и Rob Mazurek & Sao Paulo Underground, ќе чинат 300 денари.

Комплетот билети за сите вечери (вкучувајќи ги и полноќните концерти) се продава по цена од 2.600 денари. Влезниците за 32-риот Скопски џез-фестивал може да се набават во: „Југотон Рекордс“, „Пола Југотон“, МОБ, Универзална сала и на www.kupikartizase.com.

Извор: Телеграф



Врати се горе ↑