Македонија

18 март, 2016

Билбилов ја откри формулата за хит

Обидувајќи се да создадат песни што ќе се паметат, речиси сите музичари се трудат да ја пронајдат формулата за хит. На дел од нив тоа им успеа, па некои мелодии и рефрени се пеат и слушаат со генерации, зацврстувајќи им го статусот на легенда или икона. Кои се факторите или што е пресудно за една песна да биде хит, или уште подобро, евергрин?

Еден од најдобрите македонски композитори, Роберт Билбилов, вели дека не постои една универзална и конкретна формула за хит, туку дека за една песна да биде слушана влијаат повеќе фактори, но најважно од сè e мелодијата во себе да содржи порака која ќе ги допре слушателите.

„Многу фактори се важни за една песна да стане хит. Пред сè, песната треба да има вибрации, во себе да содржи некоја одредена порака која ќе допре до слушателите. Јас на пример, откако ќе направам една песна веднаш можам да почувствувам дали станува збор за хит или не, едноставно го имам сенсот, затоа и го работам ова што го работам. Не можам со прецизност да кажам колку време ми треба за да направам песна која ќе трае. Секогаш одам до крај и максимално се вложувам во секој сингл, додавам, одземам, коригирам…“, изјави Билбилов, додавајќи дека најмногу е горд на хитовите на Тамара, „Тажна љубов среќна песна“ и „Готово е“.

Дека одговорот на ова прашање сакаат да го дознаат сите инволвирани во музичката индустрија, докажуваат и бројните истражувања на научници кои ги анализираат музичките жанрови и причините за нивната популарност. Секако дека добар дел од работата го врши „јадицата“ (hook), која е дефинирана како „музичка или текстуална фраза која отскокнува од останатото и лесно се памти“, па токму затоа одредени песни можеме да ги препознаеме за само неколку секунди, понекогаш дури и само при споменување на насловот.

„Тажна љубов, среќна песна“ е одличен пример за тоа – песна која нè „улови“ уште со воведната мелодија. Но, како и други музички ѕвезди што си ги мразат своите најголеми хитови, и на Тамара ѝ е преку глава од овој хит.

Инаку, Билбилов, кој почесто работи на песни за други изведувачи, во изминатиов период ретко објавува свои песни, но најави дека наскоро ќе ја израдува публиката со нешто ново. Неговата последна песна „Остани со мене“ ја објави минатата година на денот на својот роденден (9 април), па можеби и годинава ќе ни подари уште една роденденска.



Врати се горе ↑