Видео

16 јануари, 2019

Билбилов ги екранизираше своите „Чудни места“ во Кокино

Макфестовската „Чудни места“, со која Роберт Билбилов се врати на музичката сцена (како изведувач) по пауза од неколку години, сега си доби и соодветна, вселенска екранизација, а како локација уште посоодветно беше избрана една од најстарите мегалитски опсерватории во светот – Кокино. Воодушевувачките пејзажи и визуелните екфекти одлично ја дополнуваат песната, симболизирајќи ја љубовта како исто толку универзална, мистична и бескрајна како вселената.

Ова авторско дело на самиот Билбилов (музика и аранжман) и текстописецот Робин Зимбаков, кое го освои второто место на минатогодишниот „Макфест, го екранизираше веќе редовниот соработник, режисерот Зоран Зонде Стојановски, а главните улоги им припаднаа на самиот Роберт и Росана Стефанова.

Ако една песна може да се опише како мал портал што нè носи во друг свет, виден преку призмата на уметникот и преточен во ноти, оваа балада го прави токму тоа, а новото видео ја носи на друго, повисоко ниво, за сосема ново и поинакво доживување. Се надеваме дека нема да поминат уште неколку години до следната нова песна од Роберт, иако чекањето секогаш вредело, а какво визуелно дополнување добија неговите „Чудни места“ дознајте во продолжение. Уживајте!



Врати се горе ↑