Свет BeyonceOprah

17 февруари, 2013

Бијонсе во шоуто на Опра: Сакам уште едно бебе!

Поп дивата која нејзината светска турнеја насловена „The Mrs. Carter Show“ ќе ја започне со концерт во Белград на 15-ти април, Бијонсе синоќа беше гостинка во шоуто на Опра, емисија која се емитуваше пред премиерата на нејзиниот документарен филм „Life Is But A Dream“, која го режираше самата Бијонсе. Пејачката која вообичаено не сака да открива детали за нејзиниот приватен живот, доста се расприкажала за време на емисијата, а еве што открила во ова шоу.

Во врска со нејзината ќерка Блу Ајви, таа изјавила дека да се биде мајка е нешто со кое најмногу се гордее: „Таа е смислата на мојот живот. Не би можела да си го замислам животот ако не ја имав ќерка ми. Работев на филмот долго пред да ја родам, но чувствував дека ништо не е комплетно пред да се роди таа. Сега јас сум Бијонсе!“ – рекла таа, додавајќи дека по претстојната турнеја дефинитивно би сакала уште едно дете. За време на бременоста таа добила дваесетина килограми повеќе, но среќна е што не ја изгубила желбата за изведување и правење музика, затоа повторно се вратила на работа.

Во врска со сопругот Џеј Зи рекла дека биле пријатели околу година и половина пред да излезат на состанок. „Да имаш некој што едноставно ти се допаѓа е многу важно. Затоа нашиот брак функционира.“

Во документарниот филм таа го сподели и нејзиното болно искуство – спонтаниот абортус кој го имаше пред да ја добие Блу Ајви, со цел да ги утеши брачните двојки кои поминале низ истото. Токму тоа била и причината зошто веднаш не објавила за нејзината втора бременост. Пред да се породи, таа го замислувала нејзиното бебе и како ќе тече породувањето: „Знам дека не можам да контролирам сè, но сакав да уживам во тоа искуство, па истражував многу и имав неверојатно породување.“ – открила таа.

За неодамнешниот фантастичен настап на Супер Боул таа рекла: „Имав огромна енергија во мене. Кога излегов на сцена, се чувствував како да победив на Супер Боул. Никогаш не сум работела толку напорно во 12 минути…“ Таа открила дека Кели Роланд останала две недели со неа во Њу Орлеанс додека се подготвувала за настанот, како и поради заедничкиот настап со Дестинис Чајлд.

Бијонсе неодамна го отпушти нејзиниот татко Метју Ноулс, кој беше нејзин менаџер приближно 20 години. „Некој кој ти дал живот и завршил одлична работа… тешко е и е дел од животот и растењето… во одреден момент треба да бидеш возрасниот човек кој го израснал твојот татко. Го сакам многу мојот татко, тој ме научи на многу нешта, затоа беше тешко да се направи тоа. Овој документарен филм ми помогна многу и го излечи нашиот однос на татко и ќерка.“

Познато е тоа што таа не објавува многу твитови на таа социјална мрежа, бидејќи сака да ја раскаже нејзината приказна преку фотографии. Кога сме кај фотографиите, вчера по премиерата на нејзиниот документарен филм, „протече“ фотографија на која конечно можеме да ја видиме Блу Ајви. А што се однесува за влезниците за концертот во Белград, најголемиот дел се веќе распродадени. Доколку останало нешто, побрзајте да си набавите на време!

 

 Извор: PopCrush



Врати се горе ↑