Свет Beyonce

1 август, 2017

Бијонсе во играната верзија на „Кралот лав“?

Во изминативе неколку години, голем дел од нашите омилени анимирани филмови добија свои играни верзии, а компанијата Дизни продолжува со полна пареа да работи на нови проекти, меѓу кои и „Кралот лав“. Секако дека неизоставен дел од Дизниевите класици е одличната музика, па веќе започнаа да кружат гласини околу саундтракот за „Кралот лав“, а како што пренесуваат американските медиуми, дел од проектот ќе биде Бијонсе!

Имено, пејачката била во преговори за да го позајми гласот за Нала, како и да работи на саундтракот за филмот, кој би вклучувал уште неколку нови песни инспирирани од Африка, а за сето тоа ќе наплати 25 милиони долари. Нејзините обожаватели сигурно со нетрпение очекуваат да слушнат како ќе звучи во нејзина изведба баладата „Can You Feel The Love Tonight“, а имајќи ги предвид и останатите прекрасни песни од оригиналниот анимиран филм, сигурни сме дека одличен ќе биде и целиот саундтрак.

35-годишната ѕвезда, која неодамна по втор пат стана мајка, зад себе има повеќе актерски искуства, меѓу кои улогите во „Девојки од соништата“, „Пинк Пантер“ и „Кадилак рекордс“, а го позајми гласот за кралицата Тара во анимираниот филм „Epic“ (2013), за кој ја сними темата „Rise Up“.

Новата, играна верзија на „Кралот лав“ е во режија на Џон Фавро, а досега потврдените актери што ќе ги позајмат своите гласови се: Доналд Гловер за Симба, Сет Роген за Пумба, Били Ајкнер за Тимон и комичарот Џон Оливер за Зазу, како и легендарниот Џејмс Ерл Џонс, кој повторно ќе го слушнеме како Муфаса. Симба и екипата ќе стигнат во кината ширум светот во 2019.



Врати се горе ↑