Свет

3 ноември, 2017

Бијонсе ќе го позајми гласот за Нала во новата верзија на „Кралот лав“

Уште летово започнаа да кружат гласини дека Бијонсе ќе биде дел од новата верзија на Дизниевиот класик „Кралот лав“, кој ќе биде своевиден игран римејк на истоимениот анимиран филм од 1994 година. После речиси три месеци неизвесност, пејачката деновиве ја потврди веста дека ќе го позајми гласот за женската главна улога, лавицата Нала, а како што пренесуваат американските медиуми, за овој ангажман таа ќе наплати 25 милиони долари, што воедно е и рекордна сума за овој вид на глума.

Покрај тоа, потврдено е дека за музиката ќе биде одговорен легендарниот фимски композитор Ханс Цимер, кој работеше и на оригиналната анимирана верзија. Инаку, филмот ќе биде во режија на Џон Фавро, а покрај Бијонсе, во останатите улоги ќе слушнеме доста познати имиња како што се Доналд Гловер за Симба, Сет Роген за Пумба, Били Ајкнер за Тимон, комичарот Џон Оливер за Зазу, Чиветел Еџиофор за Скар, Алфре Вудар за Сараби и Џон Кани за Рафики, како и легендарниот Џејмс Ерл Џонс, кој повторно ќе го слушнеме како Муфаса.

Снимањето на филмот започнало летово, а премиерата е закажана за 19 јули 2019 година.

beyonce-nala-lion-king

Секако дека ова не е прво актерско искуство за 36-годишната дива, која зад себе ги има и улогите во „Девојки од соништата“, „Пинк Пантер“ и „Кадилак рекордс“, а го позајми гласот за кралицата Тара во анимираниот филм „Epic“ (2013), за кој ја сними темата „Rise Up“.



Врати се горе ↑