Свет

30 јануари, 2018

Бијонсе и Лана Дел Реј ќе запеат во чест на Едру Лојд Вебер

На великанот на мјузиклите, Ендру Лојд Вебер, му беше оддадена чест и на неодамнешното 60. доделување на музичките награди Греми, кога бродвејската ѕвезда Пети ЛуПон ја отпеа „Don’t Cry For Me Argentina“, сето тоа по повод неговиот 70. роденден (22 март). Во рамките на прославата, на 16 март ќе биде објавена колекцијата од 4 цедеа насловена „Unmasked: The Platinum Collection“, на која ќе бидат сместени песни од неговите најпознати мјузикли, како што се „Мачки“ и „Фантомот од операта“, но и нов материјал и претходно необјавени теми.

Меѓу изведувачите на песните од албумот се и едни од најславните имиња на музичката сцена, Бијонсе и Лана Дел Реј. Имено, Бијонсе уште во 2005 година, на тогашното доделување на Греми ја отпеала песната „Learn To Be Lonely“ (од „Фантомот од операта“), но никогаш не снимила студиска верзија, па ова се покажа како одлична пригода тоа конечно да се оствари.

 

Интересно е и тоа што Лана Дел Реј ќе ја отпее познатата балада „You Must Love Me“, која Мадона ја изведуваше во „Евита“. „Ендру Лојд Вебер беше една од моите првични инспирации во музиката, па можноста да препеам една од неговите песни е остварување на моите соништа“, изјавила пејачката.

Оваа песна е единствената од „Евита“ што ќе ја отпее Лана, а останатите теми од мјузиклот се во изведба на самата Мадона. Меѓу останатите, претежно оригинални изведувачи на вкупно 45-те песни од колекцијата се и Никол Шерцингер, Барбра Страјсенд, Хозе Карерас, Сара Брајтман, Елвис Пресли, Антонио Бандерас, Глен Клоуз, Грегори Портер и други.

Додека ја очекуваме верзијата на Лана Дел Реј, во продолжение потсетете се како звучеше „You Must Love Me“ во оригиналната изведба на Мадона, за која Вебер во 1997 година се закити и со својот прв и засега единствен Оскар.



Врати се горе ↑