17 јуни, 2018

Бијонсе и Џеј Зи изненадија со заеднички албум и ново видео

Една од најпознатите брачни двојки на музичката сцена, Бијонсе и Џеј Зи на сред турнеја ги изненадија своите обожаватели со заеднички албум. Имено, господин и госпоѓа Картер, кои периодов настапуваат пред европската публика во рамките на турнејата „On The Run“, на концертот во Лондон неочекувано соопштија дека албумот насловен „Everything Is Love“ е веќе во продажба, а како вовед во изданието беше претставена и темата „Apes**t“.

Како што е веќе вообичаено за двете ѕвезди, и овој сингл е поддржан со доста интересно видео, снимено во познатиот париски музеј „Лувр“, а особено се издвојуваат кадрите пред ремек-делото на Леодардо Да Винчи – „Мона Лиза“.

Related image

Инаку, Џеј Зи и Бијонсе веќе имаат соработувано на повеќе песни, но досега немале заеднички албум. Во минатогодишен разговор со „Њујорк тајмс“, раперот открил дека „двајцата ја користеле својата уметност како терапија“ додека имале брачни проблеми, за што наголемо се шпекулираше во јавноста, а како резултат од сето тоа произлегоа нивните визуелни албуми „Lemonade“ и „4:44“.

„Everything Is Love“, или „Сè е љубов“, содржи вкупно девет песни, а судејќи по претходните изданија што беа комплетно визуализирани и споени како филм, не би нè изненадило доколку тоа се случи и со овој албум, како завршница на една одлична трилогија. Списокот на песни од новиот албум ве очекува во продолжение, а како изгледа и звучи најавниот сингл „Apes**t“, дознајте горе. Уживајте!

 

1. Summer
2. Apes**t
3. Boss
4. Nice
5. 713
6. Friends
7. Heard About Us
8. Black Effect
9. Lovehappy



Врати се горе ↑