Свет bbc

21 јуни, 2014

Би-би-си најави свои музички награди

Најпознатата британска медиумска куќа Би-би-си (BBC) најави дека ќе започне со доделување на свои музички награди „BBC Music Awards“, чие прво издание ќе се одржи во Лондон на 11 декември годинава. Како водители на манифестацијата ќе се појават Крис Еванс и Ферн Котон. Наградите ќе бидат доделувани во категории слични на веќе постоечките БРИТ награди, па така победниците ќе си одат дома со уште еден вид награда за „Британски уметник/уметница на годината“, „Интернационален уметник/уметница на годината“, „Песна на годината“ и така натаму.

Одбор од презентери и продуценти од Би-би-си ќе ги одреди најдобрите британски и интернационални уметници, а гледачите и слушателите ќе го одберат победникот во тие категории. Манифестацијата ќе биде и збогатена со изведби и соработки на добро познати уметници и Оркестарот на Би-би-си. Целиот настан ќе биде пренесуван на каналот Би-би-си, како и на Би-би-си Радио 1 и Радио 2.

Новата музичка стратегија беше откриена во понеделникот, а ги вклучува телевизиските, радиските и дигитални сервиси на Би-би-си, како и поддршката на нови таленти вклучувајќи „Вовед во класична музика“ спроведен во сите основни училишта ширум Велика Британија: „Денеска е почеток на нешто навистина посебно за сите кои ја сакаат музиката“, изјави генералниот директор на Би-би-си, Тони Хол, додавајќи: „Би-би-си Мјузик е славење на брилијантните музички таленти ширум нашата земја. Ќе ја вклучиме музиката на телевизија, на радио и на интернет како никогаш до сега. Ќе има нови програми, нови партнерства и сосема нови начини да се ужива во музиката.“

Новите емисии ќе раскажат за историјата на поп, рок и кантри музиката во изминативе 100 години, а предвидена е и специјална документарна емисија за поранешниот рок бенд „Џенезис“, која повторно ќе ги обедини музичарите предводени од познатиот Фил Колинс.

 Извор: bbc.com



Врати се горе ↑