Видео bd-mf

8 јуни, 2014

Биба Додева е победничка на „Макфест 2014“

Викедов помина во знакот на фестивалот „Макфест“, кој годинава по 29-ти пат традиционално се одржа во Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип. Градот под Исарот изминативе неколку дена беше центарот на случувањата, а најпознатиот македонски фестивал блесна во нов сјај, особено благодарение на ревискиот оркестар на МТВ кој придонесе секоја композиција да звучи најдобро што може.

По двете полуфинални вечери, синоќа се одржа и големото финале во чии рамки настапија 18 финалисти кои се бореа за што подобар пласман и секако вредните награди во висина од 3,10,15 и 20 илјади евра. По изведбите на сите композиции, во ревијалниот дел за време на гласањето настапи нашата поп дива Калиопи, која нè потсети на нејзините постари хитови како што се „Линда“ и „Бато“, како и теми од нејзиниот актуелен албум „Мелем“.

Од вкупно 30 композиции, односно 18 во финалната вечер, најмногу пораки, односно 2643 гласа собра темата насловена „Врати се“ во изведба на Биба Додева, која е и автор на музиката и текстот, додека аранжманот го направи Дамјан Лазаров. „Ви благодарам од сè срце, ми значи оваа награда, ми значат сите ваши гласови. Многу поважно, за мене како автор и како изведувач е што оваа песна ќе остане“, изјави Додева по врачувањето на наградата која изнесува 20 000 евра.

 

На второто место се најде баладата „Кога најмногу ми требаш“ на Дарко Илиевски, чии автори се хитмејкерите Лазар и Магдалена Цветкоски, а Даре си замина дома со парична награда од 15 000 евра. 

Третопласиран годинава е Елвир Мекиќ со баладата „Ако времето е најдобар лек“, наградена со 10 000 евра. Мекиќ е и автор на текстот, а музиката и аранжманот ги потпишува Димитар Димитров.

Наградата за најдобар дебитант во вредност од 3000 евра годинава отиде во рацете на Симона Попоска, која настапи со баладата „Како да заборавам“, чии автори се Кирил Зарлинов (музика), Магдалена Цветкоска (текст) и Зоран Алексиќ (аранжман).

Наградата за најдобар сценски настап, која исто така изнесува 3000 евра, ѝ беше доделена на Викторија Лоба, која годинава се натпреваруваше со песната „Само мој“, чиј комплетен автор е Владимир Дојчиновски.

 

„Добивме 13 294 гласови, прв пат во историјата на македонското телефонско гласање. Добивме два и пол пати повеќе гласови од тоа што го очекувавме. Се надевам дека ги исполнивме очекувањата на публиката. Овде имавме прекрасна атмосфера која се чувствува во целиот Штип. Им симнувам капа на музичарите од ревискиот оркестар кои одлично свиреа“, изјави Дарко Мијалковски, директор на „Макфест 2014“.

Овогодишната макфестовска приказна заврши, слушнавме навистина одлични рефрени кои се надеваме дека ќе се слушаат уште многу долго.

Подготвија: Ивона Јанкова и Сања Неткова



Врати се горе ↑