Видео

9 јули, 2019

„Би-ди-ем“ имаат домашно парче со светски призвук – „Run n’ Hide“

„Run n’ Hide“ e насловот на новата песна на македонското продуцентско трио „Би-ди-ем“ (BDM), која всушност е и прва соработка со машки вокал – Алекс Ви (Alex V). „Run n’ Hide“ е трета песна на македонскиот бенд, овојпат направена во електронски амбиентален звук. Како и претходните две, и таа е испеана на англиски јазик, а е во издание на „Парагон рекорд лејбл“ (Paragon Record Label).

„Алекс подолго време ни е соработник во тимот на ’Парагон’, но тој првпат се појавува како главен вокал на една наша песна. Претходно работеше со ’Би-ди-ем’ и продукцијата на ’Парагон’ како автор во сенка (ghost writer). Музиката и аранжманот ги направивме ние тројцата, а текстот е работен заедно со Алекс Ви“, велат момците од „Би-ди-ем“.

Темата се промовира заедно со видео работено со режисерот Дарко Митев, а главната улога во кадрите ја има Марис Џолин (Maryse Jolene). Овој новитет не е единственото нешто за момците од BDM, кои до крајот на годината го најавуваат проектот, односно деби-албумот со наслов „State Of Mind“, на кој ќе се најдат и претходните два сингла „Lее“ – на кој им гостуваше Јова Радевска – Yova, и „U&I” што го снимија во соработка со пејачката од Јамајка, Калин.

„Музиката ја работиме на англиски јазик бидејќи ’Парагон рекорд лејбл’ овозможува музиката да ни биде чуена низ целиот свет и со самото тоа можеме полесно да се промовираме на светскиот музички пазар. Втората причина е што целта на овој бенд е да настапува на фестивали низ Европа и на останатите континенти. Но тоа што работиме на англиски не значи дека нема да снимаме песни и со македонски текстови“, додаваат момците.

Во текот на следната недела „Парагон“ ќе го објави онлајн-натпреварот на светско ниво за најдобар ремикс на „Run n’ Hide“. Победникот ќе добие директна промоција на својата музика од страна на „Парагон рекорд лејбл“ и можност за понатамошна соработка со оваа издавачка куќа.

„Би-ди-ем“ е македонски бенд со екпирементално жанровско влијание, а плановите на овие тројца момци се да направат нова димензија во музиката, во која секоја песна ќе биде приказна сама за себе. Со модерен звук и продукција, нивната цел е музиката да се крене на едно ново ниво. Мотивирани и фокусирани на самиот звук, „Би-ди-ем“ се стреми да стане светски продукт и во блиска иднина да остават свој белег и да се чуе што подалеку за нив.

„Парагон рекорд лејбл, пак, е независна издавачка куќа, која комбинира љубов кон музиката и страст за квалитет во музичкиот бизнис. Посветени се на долгорочен развој на нови артисти, бендови и диџеи. Нивната мисија е да им обезбедат на своите соработници шанса да бидат слушнати на сите музички онлајн платформи за да можат полесно да се промовираат, но не само во Македонија, туку и на глобално ниво. Сите членови потпишани под „Парагон“ можат да бидат чуени во светот преку најдобрите платформи за музички стриминг како што се „ајтјунс“, „спотифај“, „гугл плеј“, „епл мјузик“, „дизер“, „неуротик“, „пандора“, „шазам“ и уште 150 други платформи. „Парагон рекорд лејбл“ има свое музичко студио за снимање со целосен спектар на музика, специјализирано за продукција, миксање, мастеринг, изведување, заштитување на авторски материјал, маркетинг, менаџмент и сите останати услуги коишто можат да бидат понудени од светски музички издавачки куќи.

„Врз основа на искуство во музичката индустрија и бизнисот, и со цел да им помогне на брилијантни уметници да го достигнат својот целосен потенцијал, членови на нашата етикета со кои неодамна работевме продолжија да потпишуваат големи договори, да обезбедат нивната музика да биде слушната на светски радија, да работат со текстописци од регионот и од целиот свет. А тоа е бидејќи нашата музика е достапна и може да се слуша низ целиот свет. Наша мисија е да обезбедиме свежи идеи, можности и искуства за уметниците, следејќи ги современите трендови во музичката индустрија“, велат од „Парагон“.



Врати се горе ↑