Свет

8 декември, 2016

Би-би-си по трет пат ќе ги додели своите музички награди

Британската радиодифузна корпорација, односно Би-би-си, од 2014 година започна да доделува свои музички награди, во чии рамки се наградуваат бројни музичари, во различни стилови и жанрови, додека на самата манифестација се доделуваат само најважните категории како што се британски уметник, албум на годината, песна на годината и слично.

Номинациите за главните категории беа објавени деновиве и гласањето е веќе во тек, па така за титулата уметник на годината се натпреваруваат Адел, Келвин Харис, „Колдплеј“, Дејвид Боуви и Џес Глин, а за песна на годината во трка се „Hello“ на Адел, „Here“ на Алесија Кара, „Hymn For The Weekend“ на „Колдплеј“ и Бијонсе, „Cake By The Ocean“ на „Ди-ен-си-и“, „Sorry“ на Џастин Бибер, „One Dance“ на Дрејк, Визкид и Кајла, „Can’t Stop The Feeling“ на Џастин Тимберлејк, „7 Years“ на „Лукас Греам“, „Runnin’ (Lose It All)“ на Ноти Бој, Бијонсе и Бенџамин Ероу и „Work“ на Ријана и Дрејк.

Статуетката за албум на годината ќе оди во рацете на Адел за „25“, Колдплеј“ за „A Head Full Of Dreams“, „Џеф Линс И-ел-оу“ за „Alone In The Universe“, Мајкл Киванука за „Love & Hate“ или Рик Астли за „50“.  Третото доделување на музичките награди на Би-би-си ќе се одржи в понеделник, 12 декември, а самата манифестација ќе биде збогатена и со настапите на Крег Дејвид, Роби Вилијамс, Емели Санде, „Кајзер чифс“, Џон Леџенд, „Лукас Греам“, „1975“, Изи Бизу и Зара Ларсон.

И.Ј. / Фотографија: bbc.co.uk



Врати се горе ↑