1 март, 2014

„Бета хаус“ и Леа со нова песна и видео запис

Од денес на локалните радио станици ќе имате можност да ја чуете новата песна на скопскиот бенд „Бета хаус“, во која гостува Леа. Песната се вика „Емили“, а за неа е снимен и спот, достапен за јавноста на интернет каналот YouTube. Песната е снимена во студиото MarryPhat на Ивица Јанкуловски – Штраф. Видеото, снимено на неколку локации околу Скопје, го сработи Мелем продукција и тоа, во режија на Огнен Шапковски и камера на Кристијан Теодоров.

Бендот Beta House постои од 2009-та година, примарно како „кавер” состав. Членови на овој бенд се Раде Кекеновски (вокал), Александар Алексов  Балабанов (гитара), Стефан Стојчев (бас) и Бодин Попов (тапани). Бендот почна да изведува авторски дела пред една година, кога самостојно ја издаде песната „Мона Лиза“. Песната се најде на повеќе топ листи. До крајот на оваа година Beta House планираат да го издадат својот прв албум.

Леана Таќи, позната како Леа, во последнава година беше дел од повеќе соработки во различни состави. Македонската јавност најдобро ја знае од песните „Не заборавај“, „Иста патека“ и „Сон“ – производ на нејзината соработка со Eye Cue, од соработката со Лева патика, со Дарко Стојчев, како и неодамнешниот настап на Златна бубамара на популарноста со бендот The Hounds (Д хаундс) и песната „Да дишеме слободно“.

 



Врати се горе ↑