Македонија Screen-shot-2015-06-03-at-2.11.21-PM

3 јуни, 2015

Бесплатно преземете го албумот на „Протагонист“

Долгоочекуваниот „No Exit Museum“, првенчето на бендот „Протагонист“ (The Protagonist)  го виде светлото на денот и е достапен за бесплатно преземање на следниов линк. Покрај музичкиот подарок, послужете се и со дигиталниот буклет каде ќе ги најдете сите текстови од песните и комплетното инфо за целиот процес на создавање на „No Exit Museum“. Албумот е напишан, продуциран и миксан од „Протагонист“ и мастериран од Сајмон Хејворт во Лондон. Хејворт е продуцент којшто работел со Ник Кејв, Мајк Олдфилд, Брајан Ино, „Депеш мод“, „Симпл мајндс“ и многу други.

Двојката којашто стои зад овој несекојдневен и прогресивен производ се всушност визионери со високи артистички стандарди. Р.С.Раш е магистар по уметност во комуникациски науки, а Кузман академски музичар кој од своите средношколски денови храбро експериментира со продукција и оригинално творештво.

Материјалот на „No Exit Museum“ (Ноу егзит мјузиам) е еклектична целина поделена на два дела. Едниот се занимава со вселенски аспекти додека вториот е приземен и ги обработува социјалните моменти на нашата Планета. Текстовите се полни со експресија, напишани се и отпеани на англиски, а музиката е широка, специфична и комплетно оригинална. Звукот комбинира електроника и аналогна топлина во која се преплетуваат разнобојни гитарски линии и продорен но исполнет вокал. Сето тоа комплетира уникатен производ што ги надминува локалните и регионалните квалитетни стандарди.

Ние најпрвин правиме музика која содржи универзални теми. Не користиме фолклор туку правиме нешто кое дирекнто има врска со времето во кое живееме и иднината отсекогаш нè возбудувала. Така пристапот ни е сосема специфичен. Сите се добродојдени и ние нема да ги убедуваме, оние што ќе потрошат неколку часа самите ќе се убедат…“, вели Р.С.Раш.

Еден од најпрогресивните македонски состави веќе подготвува нов материјал чии први песни треба да ги чуеме на есен. До тогаш, симнете го No Exit Museum и проверете зошто два сингла од албумот („Hyperreal“ и „Atom From The Sun“) се најдоа на Ем-ти-ви Адрија топ 20 листата, а не останаа ни незабележани од хрватското издание на „Ролинг стоун“, чија критика напиша: „во нивната работа се чувствува свежина и квалитет на искуство кое содржи страствена креативност.“

„No Exit Museum“ е издаден за етикетата на „Password Production“.

Официјален сајт на The Protagonist

The Protagonist на Фејсбук

The Protagonist на Јутјуб



Врати се горе ↑