Настани ImageProxy (1)

24 јуни, 2014

„Бернајс пропаганда“ меѓу најдобрите регионални бендови на „Егзит 2014“

Една од омилените бини на ЕГЗИТ фестивал, „Хуавеи Фјужн“, оваа година ќе угости голем дел од најдобрите изведувачи од овие простори! Покрај веќе најавените изведувачи, листата на најдобрите бендови од регионот не би била целосна без македонскиот претставник БЕРНАЈС ПРОПАГАНДА (BERNAYS PROPAGANDA)! Бендот кој веќе го потврди својот статус како еден од најдобрите нови бендови во регионот, наметна нови стандарди за инди-музичарите, го привлече вниманието и на странските критичари, па неодамна беше одреден и меѓу 20-те најдобри актуелни постпанк групи на целиот свет! „Бернајс Пропаганда“ своите длабоки корени ги има во „DIY“ хардкор сцената, зад себе има одржано повеќе од 300 концерти ширум светот, а во мај годинава ја заврши и својата прва голема музичка турнеја низ САД со повеќе од 40 концерти. Нивниот настап на најдобриот европски фестивал ЕГЗИТ ќе се одржи на 12 јули, на „Фјужн“ бината каде што ќе го претстават препознатливиот бунтовен звук и социјално ангажирана музика која го носи и нивниот последен албум „Забранета планета“. Ова исклучително издание беше објавено во февруари 2013, а воодушевувајќи ги рецензентите ширум регионов, го одреди бендот како име кое претставува врв на пост-панк културата.

Првиот ден на фестивалот, покрај веќе најавените „Д Афган Вигс“ (THE AFGHAN WHIGS), „Че Судака“ (CHE SUDAKA), „Оратница“ (ORATNITZA) и „Куимби“ (QUIMBY), доаѓа и бендот кој ги испиша најважните страници на историјата на југословенскиот рокенрол, „ДИСЦИПЛИН А КИЧМЕ“ (DISCIPLIN A KITSCHME). Покрај нив, на „Фјужн“ бината ќе настапи и белградскиот сатиричен алтернативен рок бенд, „С.А.Р.С.“, гласниците на општествените теми и проблеми на „обичниот“ човек. На втората по ред „лајв“ бина на ЕГЗИТ на првиот ден доаѓаат и белградскиот бенд со ромски звук, „КАЛ“, како и „СОПОТ“ (БиХ) и „КИЛЛО КИЛЛО“ (РС).

Во петок, 11 јули на истата бина ќе се претстават и веќе најавените миленици на регионалната публика и мајсторите на настапите во живо,„Ејжн Даб Фондејшн“ (ASIAN DUB FOUNDATION), „Хаторс“ (HATHORS) и „Сивард“ (SEWARD), а претставници од Србија ќе бидат ни повеќе ни помалку туку хероите од белградските улици „КАНДА, КОЏА И НЕБОЈША“. Истиот ден ќе настапи и еден од најперспективните нови состави, хрватите „ПУНЧКЕ“, како и Ида Престер („Лолобриџида“) со својот нов проект „Фрау Касио“ (FRAU CASIO).

Третиот ден на ЕГЗИТ фестива на „Фјужн“ бината, покрај македонските претставници „Бернајс Пропаганда“, најавен е новозеландскиот бенд „Шејпшифтер“ (SHAPESHIFTER), а покрај нив ќе настапи и кремот на регионалната сцена. Истиот ден свири и култниот сараевски поп-рок бенд „БОМБАЈ ШТАМПА“, кои заедно со „Забрањено пушење“ и Елвис Ј. Куртовиќ се творците на југословенскиот „нов примитивизам“, на чело со легендарниот актер Бранко Ѓуриќ Ѓуро. Еден од омилените изведувачи на овие простори Дарко Рундек доаѓа со составот РУНДЕК КАРГО ТРИО, заедно со виолинистката Изабел и мултиинструменталистот Душан Враниќ. Бендот кој оваа година прославува 25 години постоење, новосадските панкери „АТЕИСТ РАП“ доаѓаат да го прослават својот роденден со ЕГЗИТ, а ним ќе им се придружи моќната група од БиХ, „ДВАДЕСЕТОРИЦА“, но и познатите групи од Србија „Лав Хантерс“ (LOVE HUNTERS) и „Котон Пикерс“ (COTTON PICKERS).

Конечно, за последниот ден на фестивалот веќе се најавени холандскиот бенд „Бртх оф џој“ (BIRTH OF JOY), берлинскиот „Маити Оакс“ (MIGHTY OAKS), јапонскиот „Трикот“ (TRICOT) и интернационалниот „Битвин скај енд ертх“ (BETWEEN SKY AND EARTH). Дозата суровост од секојдневието, во недела на „Фјужн“ ќе ја донесат белградските хип-хопери „БЕОГРАДСКИ СИНДИКАТ“. Посебно уживање на фестивалот ќе пружи „ВЛАДА ДИВЉАН И ЛЈЕТНО КИНО БИГ БЕНД“, колаборацијата на некогашните членови на култните идоли од загребскиот состав, кои свират свои песни, но и легендарните хитови на „Идоли“ и љубовните песни од самостојната кариера на Дивљан, во нови изведби пригодни за танц. Последниот ден на фестивалот мелодиите на познатите светски хитови, испреплетени со мотиви на српската изворна музика, ќе ги претстави „ДЕЈАН ПЕТРОВИЌ БИГ БЕНД“, кој брои дури тринаесет членови! Ним на финалето на ЕГЗИТ ќе им се придружи и хрватскиот рок бенд „ПИПС ЧИПС & ВИДЕОКЛИПС.

ВИРТУОЗИТЕ НА ВИОЛОНЧЕЛА ЈА ОСВОЈУВААТ ТВРДИНАТА: 2CELLOS ГО ПРЕДВОДАТ КРЕМОТ ОД РЕГИОНАЛНАТА СЦЕНА НА ЕГЗИТ!

Младите хрватски виолончелисти, Лука Штулиќ и Стјепан Хаусер, го освоија светот со својата виртуозна интерпретација на добро познатите поп рок хитови, а во сабота, 12 јули ја освојуваат и главната бина на ЕГЗИТ фестивал!

Од Мајкл Џексон, преку „ЕјСи-ДиСи“, па сè до Нирвана, нивните изведби на попкултурни хитови преоблечени во рувото на класичните инструменти ги воодушевуваат сите на кои ќе наидат, освојувајќи ги симпатиите и на музичките великани како Елтон Џон, кој за нив изјави: „Морате да ги чуете во живо, навистина се неверојатни! Последниот пат кога сум чул нешто толку возбудливо беше во 1960 година на свирката на Џими Хендрикс…“

Вака звучат во живо…

Младите уметници од Хрватска се прославија со вртоглава брзина, со својата неконвенционална обработка на големиот хит на Мајкл Џексон „Smooth Criminal“, по што потпишаа договор со издавачката куќа „Сони Мастерворкс“ и започнаа турнеја со Сер Елтон Џон. Во досегашната кариера имаат соработувано со музичките гиганти како што се „Ред Хот Чили Пеперс“, „Квинс Оф Д Стоун Ејџ“ и Џорџ Мајкл, настапуваа ширум светот во најпознатите музички хали како „Медисон Сквер Гарден“, „Париз Олимпија“, „Квин’с Дајмонд Јубилеи“, како и на церемонијата на „Емми“ во Лос Анџелес.

Својот втор албум „IN2ITION“ го објавија во јануари 2013. година. Плочата ја продуцираше легендарниот Боб Езрин („Пинк Флојд“, Алис Купер, „Кисс“, „Дип прпл“), а палетата престижни гости на албумот ги опфати имињата како Елтон Џон, Стив Ваи, Ланг Ланг, Наја Ривера и Цукеро.



Врати се горе ↑