Македонија f34f2623-900d-410b-8910-9fac770a679f

11 јануари, 2017

„Бернајс пропаганда“ и „Таксират“ на престижниот „Еуросоник“ во Холандија

Најпрестижниот европски шоукејс фестивал и конференција, ЕУРОСОНИК НОРДЕРСЛАГ (Eurosonic Noorderslag) годинава ќе се одржи од 11 до 14 јануари во Гронинген, Холандија каде што како претставници од Македонија гостуваат еден од најдобрите домашни бендови БЕРНАЈС ПРОПАГАНДА и најголемиот музички фестивал во Македонија, ТАКСИРАТ.

Да се биде избран како претставник на „Еуросоник нордеслаг“ е потврда и препознавање на исклучителниот квалитет и талент, а докажаниот македонскиот пост панк бенд „Бернајс пропаганда“ ќе се претстави пред европската публика со два настапи на 12 и 13 јануари. Пред повеќе од 4.100 делегати и музички професионалци, 425 медиуми и 42.000 посетители на овој настан се претставуваат повеќе од 340 уметници и изведувачи, а на конференцијата се одржуваат повеќе од 175 панел дискусии, предавања, интервјуа и состаноци.

„Бернајс пропаганда“ годинава воедно прославува 10 години од својот прв настап, а покрај настапите во Холандија овој јубилеј групата го одбележува и со објавување на албум во живо и концерти во Скопје кои ќе се одржат на 17 и 18 февруари во МКЦ. Концертниот албум Едно 500-600 пати е снимен на различни настапи, од 2010 до 2016 година, меѓу кои е и фестивалот „Таксират“. Албумот е објавен под етикетата „Балкан Велики“, а можете да го преслушате на овој линк.

Минатата година, Македонија беше една од фокус земјите на фестивалот, благодарение на ангажманот на фестивалот „Таксират“ во рамките на програмата „ЦЕЕТЕП“, а на претходните изданија на холандскиот фестивал чест да ја претстават македонската музичка сцена со свој настап во живо имаа Кирил Џајковски и групата „Џун“.

ТАКСИРАТ на престижниот Еуросоник, како еден од 10-те најдобри фестивали во Европа

Покрај изборот на „Бернајс пропаганда“ како претставник на „Еуросоник нордерслаг“ и македонскиот најголем музички фестивал „ТАКСИРАТ“ ќе биде дел од најзначајната конференција и шоукејс фестивал за европска музика како еден од 10-те најдобри фестивали во Европа во категоријата „Најдобар фестивал на затворено“.

Кон крајот на 2016 година фестивалот „Таксират“ беше изгласан од страна на милионската фестивалска публика за еден од најдобрите фестивали во рамките на европските фестивалски награди (European Festival Awards), најзначајното меѓународно фестивалско признание кое се одржува во рамки на „Еуросоник нордерслаг“! Добитниците на наградите ќе бидат презентирани на свечената церемонија што ќе се одржи на 11 јануари во Гронинген, Холандија.

Овие награди се доделуваат од 2009 година, а фестивалот „Таксират“ 8 години по ред се закитува со номинација во две категории „Најдобар фестивал на затворено“ и „Најдобар мал фестивал“. Минатата година, повеќе од 1.2 милиони фестивалски посетители гласаа за најдобрите фестивали, а вкупно учествуваа повеќе од 350 фестивали од 35 земји во Европа.

Покрај тоа, „Таксират“ учествува и како еден од ЕТЕП фестивалите кои во рамките на овој настан ги промовираат и откриваат новите музички таленти на европската музичка сцена и сеопфатната Европска програма за размена на таленти (European Talent Exchange Programme – ETEP). Во рамките на оваа програма само во 2016 година се одржаа неверојатни 404 музички концерти со 148 артисти од 27 земји кои настапија на 99 ЕТЕП фестивали во 31 земја. ЕТЕП е успешна иницијатива на „Еуросоник нордерслаг“, која ја стимулира музичката размената ширум Европа и ги здружува водечките европски фестивали и музички медиуми.



Врати се горе ↑