Промоции

11 декември, 2018

„Бернајс пропаганда“ го промовира новото ЕП издание

На 19 декември (среда) во „Ап(о)тека“ во МКЦ, од 12.00 до 13.00 часот „Бернајс пропаганда“ ќе се дружат со публиката и новинарите и додека се слуша новото ЕП издание „Ништо нема да нè раздели“ и гледа новото видео на „Мојата Марија“ во режија на Милан Блажевски, ќе одговараат на прашања кои секој може да ги постави. Презентер на промоцијата ќе биде Тошо Филиповски, авторот на Македонската рок-енциклопедија“.

„Ништо нема да нè раздели“ ќе излезе утре, 12 декември, за етикетите „Мунли рекордс“, „Џинџер рекордс“, „Поп-депресија“ и „Балкан Велики“. Изданието содржи 3 песни снимени во „Студио 1060“ со новата постава, која покрај Кристина Горовска, Васко Атанасоски и Дени Крстев е засилена со Раде Јордановски и Кристијан Лафазановски, а како гости се појавуваат Тони Китановски и Мајк Ват.

Ова воедно е и најава за новиот албум „Втора младост, трета светска војна“.

 

Покрај промоцијата на новиот материјал, бендот во февруари ќе ја прекине двегодишната концертна апстиненција во Скопје и ќе одржи два концерта во МКЦ.

„ИСКРЕНО, концертите на 22 и 23 февруари ќе бидат наши последни на подолго време, ако не и последни кои некогаш ќе ги отсвириме!!! Едноставно, немаме повеќе сила да го работиме ова на високото ниво кое самите го наметнавме, а и изморени сме од 13 годишната борба со културната мафија и слугите на големиот капитал. Иако дадовме сè од себе да не се случи ова, едноставно го признаваме поразот и силата ја чуваме за нашите последни настапи“, велат музичарите во соопштението за овој настан.



Врати се горе ↑