Настани ImageProxy (1)

16 јули, 2014

„Бернајс пропаганда“, „Ареа“ и „Дивизија“ се приклучуваат на „Д фестивал 2014“

Денот Д за годинашното, четврто издание на уникатниот музички хепенинг Д ФЕСТИВАЛ е 26 јули (сабота), а на веќе традиционалната локација, паркинг Гранит во Дојран, нè очекува најпозитивната фестивалска сцена чија програма е веќе комплетирана со артисти од светската и домашната музичка сцена.

На веќе најавените ѕвезди на годинашното издание на Д Фестивал, „Стерео Ем-Си’с“ и „Стринг Форсис“ им се придружуваат уште три музички групи од домашната сцена, еден од најдобрите нови бендови во регионот „БЕРНАЈС ПРОПАГАНДА“, рок хероите АРЕА и хип-хоп колективот ДИВИЗИЈА.

По турнејата во С.А.Д. и настапот на најдобриот европски фестивал „Егзит“, Д ФЕСТИВАЛ го има задоволството да биде домаќин на препознатливиот бунтовен звук и социјално ангажирана музика на „БЕРНАЈС ПРОПАГАНДА“ (BERNAYS PROPAGANDA)! Бендот кој веќе го потврди својот статус како еден од најдобрите нови бендови во регионот, наметна нови стандарди за инди-музичарите, го привлече вниманието и на странските критичари, па неодамна беше одреден и меѓу 20те најдобри актуелни постпанк групи на целиот свет! „Бернајс Пропаганда“ своите длабоки корени ги има во „DIY“ хардкор сцената, зад себе има одржано повеќе од 300 концерти ширум светот, а во мај годинава ја заврши и својата прва голема музичка турнеја низ САД со повеќе од 40 концерти. Нивниот настап на бината на Д ФЕСТИВАЛ ќе биде одлична можност покрај другото да го чуеме и материјалот од нивниот последен албум „Забранета планета“. Ова исклучително издание беше објавено во февруари 2013, а воодушевувајќи ги рецензентите ширум регионов, го одреди бендот како име кое претставува врв на пост-панк културата.

Бината на Д ФЕСТИВАЛ 2014 ќе ја претстави и рок групата АРЕА. Овој музички состав, оформен во 1991 година во Гостивар е бенд кој уште на почетокот на својата кариера го привлече вниманието на музичката јавност. Во 1992 година тие беа победници на скопскиот Поп-Рок Фест со што добија можност да го снимаат својот прв студиски албум „Случајно Тука“ кој беше прогласен за најдобар деби албум таа година. До сега имаат објавено шест албуми, зад себе имаат голема база обожаватели која ги прати на бројните концерти низ Македонија и земјите во регионот и со сигурност претставуваат бенд кој веќе има свое место во современата антологија на македонската рок музика.

Хип-хоп звукот на фестивалот доаѓа со колективот ДИВИЗИЈА во состав: Кискин, Хроник (Chronic), Бандит, Фарс (Farse), Скептик и Киндер. Овој колектив од Струмица твори веќе цела деценија, период во кој има изработено албум во 2005 година „Моќна постава“, а потоа Кискин во соработка со „Реалити Рекордс“ се појави со соло албумот „Структура на културата“ и во соработка со „Шурикен Рекордс“ во 2012 уште еден соло албум „На пат кон дома“. Во април годинава го објавија својот нов албум „Втора шанса“, а наскоро се очекува и објавувањето на посебниот проект на Хроник заедно со Ел’Борачо (El’Borracho) од „Да Титаниум“ (Tha Titanium) насловен „Од каде доаѓам“. Повеќе од доволен предизвик за да го чуете во живо најновиот материјал на Дивизија на Д ФЕСТИВАЛ 2014.

Програмата на Д ФЕСТИВАЛ годинава стапува на сцена со изведувачите спремни да приредат нови незаборавни доживувања на уникатниот музички фестивал во Дојран. Покрај македонските бендови Д ФЕСТИВАЛ 2014 ќе биде домаќин и на едни од најуспешните и најдолговечните британски хип хоп артисти, величенствените и Греми-номинирани „СТЕРЕО ЕМ-СИ’с“ (STEREO MCS).

ВЛЕЗНИЦИТЕ ПО ПРОМО ЦЕНА СЕ ВЕЌЕ ПУШТЕНИ ВО ПРОДАЖБА

Влезниците за годинашното издание на Д ФЕСТИВАЛ се веќе пуштени во продажба по промотивна цена од само 250 денари. Сите кои сакаат да ја искористат промотивната цена влезниците можат да ги набават во продажната мрежа на МКтикетс:

– Продажните салони на ONE низ Македонија;
– Во Скопје: Југотон, МПМ Прес, Универзална Сала, Гоги Драчево;
– Низ Македонија: Алпине Спорт (Тетово), New Tobacco (Охрид), Џина (Дојран), Кафе Cream (Гевгелија), Sub Club (Струмица);
– онлајн на www.mktickets.mk



Врати се горе ↑