Видео music-band-aid-30-artwork

17 ноември, 2014

„Бенд ејд 30“: Ѕвездите повторно се собраа да запеат за помош на Африка

Британскиот музичар Боб Гелдоф, кој во 1984 година за прв пат ја предводеше супер групата „Бенд ејд“ (Band Aid), по четврти пат ги собра најпознатите музички ѕвезди во Велика Британија за да ја отпеат песната „Do They Know It’s Christmas“, а собраните средства од продажбата на синглот ќе бидат наменети за борбата против болеста ебола, која сè уште одзема бројни животи во Африка. Претходните три верзии на песната (од 1984, 1989 и 2004 година) беа идентични и беа објавени под мотото „Нахрани го светот“, но овој пат текстот претрпи мали промени со цел да се подигне свеста за опасноста која нè демнее од оваа болест.

За новата верзија на познатата божиќна песна, 63-годишниот музичар ги покани најпопуларните имиња во музичката индустрија, меѓу кои и  Боно од „Ју ту“, Крис Мартин од „Колдплеј“, Сем Смит, Ед Ширан, „Уан дајрекшн“, Рита Ора, Шинед О’Конор, Емели Санде, Ели Гоулдинг, Сил, Роџер Тејлор, Џеси Вер, Оли Мрс, „Бастил“, Палома Фејт и други, а видео записот беше премиерно прикажан синоќа во рамките на британскиот музички натпревар „Х фактор“, додека синглот ќе биде официјално издаден денеска, 17 ноември.

„Причината што сакаме да го видите ова е затоа што оваа болест може да пристигне и кај нас со авион. Тоа значи дека наместо да ги гледаме африканските мајки кога не можат да ги допрат своите болни деца кога умираат, кога вљубените и сопружниците не можат да се допрат и да се утешат во нивните последни моменти… Ова е најстрашната болест, но можеме да ја сопреме и ќе ја победиме! И ќе ги поддржиме сите тие неизмерно храбри доктори и сестри кои отидоа таму, сите тие храбри војници, млади момчиња и девојки кои волонтираат… И најважно од сè, ова не е за мене, ова не е за вас или за нив – ова е за сите нас!“, порача Гелдоф синоќа, а како звучи „Do They Know It’s Christmas“ во изведба на „Бенд ејд 30“ можете да слушнете и видите во продолжение.

И.Ј.



Врати се горе ↑