Видео Ben-Haenow

15 декември, 2014

Бен Хејнау е победник на британскиот „Х фактор“

Единаесеттата сезона на британската верзија на најпознатиот музички натпревар „Х фактор“ синоќа го доби својот победник за 2014 година, а тоа е 29-годишниот Бен Хејнау (Ben Haenow). По 10 години работа како возач на комбе и аматерски свирки во ноќни клубови, шармантниот рокер уште од првата аудиција беше еден од фаворитите, не само на жирито, туку и на цела Британија.

Годинава имаше навистина интересни кандидати, а покрај Бен, се издвојуваше и второпласираната Флер Ист, натпреварувачка која доживеа најмногу трансформации на сцената, како и 20-годишниот Италијанец Андреа Фаустини, кој со емотивните изведби на моќните балади на Мајкл Џексон, Витни Хјустон и Мараја Кери успеа да ги расплаче сите, а и да го освои високото трето место.

Во рамките на двете финални вечери викендов гостуваа и бројни познати музички имиња, меѓу кои и поранешните учесници Оли Мрс, Ела Хендерсон и, секако, „Уан дајрекшн“, како и Сем Смит, Деми Ловато, „Тејк дет“, Лабиринт и првиот добитник на наградата „Британски уметник на годината“ според Би-би-си, Ед Ширан.

Во оваа сезона на кандидатите им судеа и им помагаа пејачките Шерил Фернандез-Версини (поранешна Кол) и Мелани Браун (Мел Би од „Спајс грлс“), менаџерот Луи Волш и основачот на овој музички формат, Сајмон Кауел, кој им беше ментор токму на победникот и второпласираната Флер.

На вчерашната манифестација во преполната арена „Вембли“, Хејнау настапи со темата за која сметаше дека најдобро ја отпеал во текот на натпреварот („Man In The Mirror“ од Мајкл Џексон), како и победничкиот сингл „Something I Need“ од бендот кој во јуни ќе одржи концерт во Скопје, „Уан репаблик“. Неговата верзија на оваа песна за само половина час од објавувањето се искачи на 3 место на „ајТјунс“, а во моментов е веќе на 1 место. Сите изведби на талентираниот рокер, од самата аудиција сè до настапите во големото финале Ве очекуваат во продолжение.

 

Со оглед на тоа што станува збор за навистина интересни уметници, за кои е многу веројатно дека ќе ги слушаме и понатаму, во продолжение погледнете ги и настапите на второпласираната пејачка, танчерка и раперка Флер Ист, чии изведби вклучуваа хитови како што се „All About That Bass“ од Меган Трејнор, „Bang Bang“ од Џеси Џеј, Ники Минаж и Аријана Гранде, „Thriller“ од Мајкл Џексон и други, како и „италијанското мече“ Андреа Фаустини со моќните интерпретации на теми од Мараја Кери, Бијонсе, Витни Хјустон и особено „Earth Song“ од Мајкл Џексон. Уживајте!

 И.Ј.



Врати се горе ↑