Балкан Uzemljenje1

26 август, 2013

Белградскиот состав Уземљење наскоро ќе влезе во студио

Белградскиот состав Уземљење, кој има доста успешна година, наскоро ќе влезе во студио и ќе започне со работа на својот прв албум. Бендот е основан пред две години, но 2013-та е годината кога нивниот авторски материјал е претставен пред пошироката јавност. Освојувајќи го третото место на белградскиот Демо Фест Лајв во конкуренција од преку 100 пријавени бендови и со настапот во финалето на 47-та Гитаријада во Зајечар, Уземљење се избори за статусот кој секако го заслужува. Покрај спомнатите фестивали од натпреварувачки карактер, белградската четворка предводена од Дејан Милошевиќ и Часлав Шуњка, кои инаку се родени во Сараево, забележа и голем број ревијални клупски и фестивалски концерти.

Првата седмица од септември, бендот ќе влезе во студиото Блејз во Белград, каде што ќе го сними своето дискографско првенче. На албумот ќе се најдат десет нумери кои се веќе претставени на демо снимки и на концертните настапи, а комплетната реализација на албумот му е доверена на Милош Михајловиќ. Покрај Дејан и Часлав, во групата членуваат и Младен Јованов и Марко Јовишиќ кој неодамна го замени Дражен Ѓорѓевиќ на позицијата бас гитарист.

Во продолжение погледнете го настапот на овогодинешната Гитаријада во Зајечар.

 



Врати се горе ↑