Аудио

14 март, 2019

„Бела техника“ го објави првенчето „Section“

„Бела техника“ (Bella Technika) е состав кој во 2016 година го основаа Бојан Дробац – Бамби и Милорад Ристиќ – Миќи, на кои набрзо им се придружи и вокалистката и призната оперска пејачка Катарина Јовановиќ. Нивниот прв албум насловен „Section“ од денес е достапен и во ЛП/цеде/дигитален формат. Ова воедно е и прва соработка на новата етикета „Браво бојс“ (подетикета на „Одличан хрчак“) и хрватски „ПДВ“.

„Section“ се одликува со спој на разнолични влијанија, како што се раната електронска, денс-музиката и дабот, проткаени со слоевити мелодични и амбиентални звучни пејзажи, со опсесија од ретки и опскурни синтисајзери. Албумот е снимен во Белград под водство на Бојан Дробац и Милорад Ристиќ.

За миксот и копродукцијата беа задолжени Сет Манчестер (Боди, Дотерс, Џавелин…) и добитникот на Греми – Емери Добинс (Сузен Вега, Пати Смит, Ентони енд д Џонсон, Бетлс, Травис…) во студиото „Машинс уит магнетс“ (Machines with Magnets) во американскиот град Провиденс. Мастерингот го направи Џон Лемон, познат по работата со имиња како што се „Најн инч нејлс“, „Смешинг памкинс“, Џенифер Лопез, „Депеш моуд“, „Пинк флојд“ и други.

Визуелното решение на обвивката го осмисли Бамби со Дејв Конопка, басистот и арт-директор на ценетиот состав „Бетлс“ (Battles), еден од најважните уметници на денешницата според угледното списание „Пичфорк“. Покрај членовите на бендот, во снимањето на албумот учествуваа и истакнати гости од Србија и од други земји, меѓу кои: Соња Лончар (клавијатури), Филип Крумес (виолина), Емери Добинс (вокали, клавијатури, гитара), Сем Диксон (гитара), Сет Манчестер (бас-гитара, клавијатури) и Лав Братуша (тапани).

 

 

„Бела техника“ можете да ги следите на нивната официјална веб-страна bellatechnika.com, на ИнстаграмТвитер и на Фејсбук.



Врати се горе ↑