Балкан

7 март, 2019

„Бела техника“ го најави деби-албумот со трејлерот „Potpourri“

„Бела техника“ (Bella Technika) е состав кој во 2016 година го основаа Бојан Дробац Бамби и Милорад Ристиќ Мики, како резултат од повеќегодишната соработка во рамките на бендот „Дарквуд даб“ (Darkwood Dub), а набрзо им се придружи и оперската пејачка Катарина Јовановиќ.

Наместо со класично видео, бендот одлучи да го најави излегувањето на деби-албумот „Section“ (ЛП/цеде/дигитал) со трејлер насловен „Potpourri“, дело на авторот Иван Шијак, кој објаснува зошто се одлучиле за ваква форма: „Вознемирени од бесмислиците кои без престан ја узурпираат секоја смислена содржина, одлучивме приказот на албумот ’Section’ да изгледа токму вака“.

Бојан Дробац, пак, додава: „Не сакавме класично видео, размислувавме за новата форма, која покрај претставувањето на музиката од албумот, реферира и на нашиот однос кон постоечката растресита медиумска содржина, конзумеризмот, нашата изложеност на мешавината од сè и сешто, од бесмислените информации до работилниците“.

„Бела техника“ својот албум првенец „Section“ ќе го издаде во среда, 13 март 2019 година, во заедничка соработка со белградската етикета „Одличан хрчак“, т.е. подетикетата „Браво бојс“ и хрватскиот „ПДВ“. Албумот е инспириран од фузија на различни влијанија, како што се раната електронска и денс-музика во комбинација со психоделичен рок, поп, како и дабот од осумдесеттите, со опсесија на ретки инструменти.

„Бела техника“ можете да ги следите на нивната официјална веб-страна bellatechnika.com, на Инстаграм, Твитер и на Фејсбук.



Врати се горе ↑