Настани bela-nok-1

7 октомври, 2017

„Бела ноќ“ во Скопје

Традиционалната манифестација „Бела ноќ“ вечерва по 13. пат ќе се одржи во Скопје. Во рамките на програма на повеќе локации во градот ќе се одржат концерти, изложби и перформанси. Изложбата „Помеѓу ѕвездите и басните“ на Салвадор Дали ќе биде отворена во Галеријата на Младинскиот културен центар – МКЦ. Ќе бидат претставени вкупно 29 дела од овој уметник. Изложбата е организирана во соработка со уметничката галерија „Висконти“ од Љубљана и Централноевропскиот културен центар од Нови Сад.

На плоштадот „Македонија“ во 21 часот перформанс ќе има корејската трупа „Таго и Ато Биз“ (Tago&АtoBIZ). На платото на Младинскиот културен центар ќе настапат „Барбаризмс“ – тричлен бенд од Стокхолм, предводен од американскиот композитор Николас Фараоне, тетовскиот бенд „Конкеринг лајон“ и „Нињос ду Бразил“, перкусионистичко италијанско дуо, со позадина од бразилската карневалска музика.

Во денсинг салата на МКЦ ќе настапат „I TPAME I TVRAME“ и „UJ PA GAZ“ од Албанија, „КАНТОН6“ и Нино Наумов и диџеј сет од Скопје. Во џебното кино на МКЦ соло-настап ќе има Алекс Јонсон од Данска, наградуван гитарист, композитор и импровизатор. Во рамките на 24-часовниот филмски маратон во кино „Милениум“ ќе се прикажува новиот филм Кога денот немаше име на режисерката Теона Стругар Митевска.

Возењето во градските автобуси на ЈСП Скопје кои сообраќаат кон централното градско подрачје, од 19 часот до раните утрински часови, ќе биде бесплатно.



Врати се горе ↑