Македонија poster bdf

21 декември, 2012

Беи Д Фиш вечерва го промовираат новиот албум

Како што медиумите најавуваат крај на светот, така Беи д фиш го најавија нивниот нов албум точно на денот кога треба да се случи „големата апокалипса“. Албумот насловен како „At The End Of The Sand“„На крајот од песокот“ ќе биде промовиран вечерва како коментар на четирите милијарди години живот на планетата земја, човековото постоење и неговото лудило. Промоцијата ќе се одржи во Излет Кафе, со симболичен почеток во 21.12 часот. Албумот го издаде PMG Recordings и на самата промоција ќе се продава по промотивна цена.

 „Термините како религија, држава, контрола, припадност, општество, еволуција, технологија, историја, цивилизација, планета земја, се само дел од приказната на овој албум. Параноидната слика и прилика на модерниот човек притиснат од наметнатиот начин на живот, а во тотален недослух со сопственото јас. Историја која што стои на стаклени нозе, археологија која се повеќе и повеќе закопува одошто откопува…Технологијата која од корисна алатка е претворена во корисник на алатка…Уметност претворена во маркетинг и пропаганда…Религија сведена на банкнота од еден долар…Човековото постоење без никаква вредност. Приказна која на оваа планета трае со илјадници години и која ако заврши на 21.12.2012, не треба да ни е страв од тоа дека ќе нè снема, треба да ни е страв и срам од тоа дека нè нема“ – пишува во соопштението за  најавата за албумот.

Насловната фотографија е на Darkkind Syk, а дизајнот и изгледот на омотот е дело на Ѓорѓи Чупиќ. Концертната промоција на албумот е закажана за февруари 2013, во МКЦ.



Врати се горе ↑