Настани bf

6 јули, 2015

„Бедем фест“ ја собира регионалната демо елита

Единствениот фестивал под името „Бедем фест“, чие шесто издание ќе се одржи од 3-6 септември на никшичката тврдина под паролата #МирБратеМир, покрај бројните познати имиња, годинава ќе го собере и самиот крем кога станува збор за бендовите кои сè уште се наоѓаат во демо фаза.

По минатата година, кога се оствари соработка со „Гитаријадата“ од Заечар, која резултираше со бројни заеднички активности и настап на победникот на овој познат фестивал на „Бедем фест“, организаторите ги засукаа ракавите и ја конкретизираа соработката со уште некои од големите фестивали чија цел е афирмација на нови бендови. Како плод од соработката со фестивалите „Омладина“ од Суботица, ХГФ од Хрватска и првиот телевизиски демо фестивал во Србија – „Бунт рок мастерс“, рамо до рамо со имиња како што се веќе најавените „Дисциплин а кичме“ (Disciplin A Kitchme), Јосипа Лисац, Марчело, „Ајриш стју“ (Irish Stew), како и новооткриените хедлајнери „Господа Глембаеви“, „Џа или бу“ и британскиот состав „Гзандер енд д киз“ (Xander And The Keys), ќе настапат и бендовите „Тевабулебра“ од Ниш (победници на фестивалот „Омладина“), „Мистер Албино“ од Загреб (победници на фестивалот ХГФ), белградскиот „Дингоспо Дали“ (победници на „Бунт рок мастерс“) и сè уште непознатите победници на заечарската „Гитаријада“, како и младите никшички состави собрани околу НВО Бункер.

Уште една од новостите на годинешниот „Бедем фест“ е кампот, а во рамките на промоцијата за сместување во кампот, организаторите ги покануваат сите заинтересирани да дојдат до фестивалот во Никшиќ со велосипед, а оние коишто ќе се решат на овој потфат, покрај сместувањето ќе им биде обезбеден и слободен влез на сите фестивалски настани, со претходно пријавување на bedembike@gmail.com, најдоцна до 31 август.

„Бедем фест“ традиционално укажува и на потребите на слепите и лицата со слаб вид, така што во текот на фестивалот во спортскиот центар во Никшиќ ќе се одржи и „голбол“ (goalball) меч, а програмата на фестивалот е отпечатена и со брајово писмо.

Покрај бројните интересни програми, чие културно и хуманитарно значење и влијание е немерливо, она што го прави „Бедем фест“ уникатна манифестација е токму позитивната атмосфера која ретко каде може да се сретне, па затоа организаторите ги канат сите љубители на добрата забава и вистинските вредности да го посетат Никшиќ од 3-6 септември.

www.facebook.com/BedemFestNiksic

www.bedemfest.me



Врати се горе ↑