26 септември, 2013

„Бед машрумс“ Ви го претставуваат „Патот до врвот“

По враќањето во Загреб и успешната мини турнеја во чии рамки одржаа пет концерти во Англија, хрватскиот хард рок состав „Бед машрумс“ (Bad Mushrooms) го претставија својот нов видео запис за темата „Пут до врха“. Втората екранизирана песна за овој рок состав е и насловена тема на истоименото ЕП издание, кое можете целосно да го преслушате на овој линк. Видео записот, зад кој стои студио „33пт“ (studio 33pt), е снимен во Загорје, а за шминката беше задолжена Гордана Лугарец Матиќ.

„За разлика од првиот видео запис ’Борба, кој е повеќе уметнички, овој пат сакавме да направиме нешто малку поопуштено. Сакавме да ја доловиме опуштената атмосфера на нашите настапи кои најчесто завршуваат како луда забава за сите присутни. Актерите кои се појавуваат во видео записот се всушност наши пријатели и фанови на бендот кои нè следат на скоро сите настапи од самиот почеток“, изјави Голе од Печурките.

Бед машрумс“, чија постава ја сочинуваат Бач (вокал, усна хармоника), Беро (гитара, придружен вокал), Јан (оргуљи, клавијатура и придружен вокал), Гидо (бас гитара) и Голе (тапани), сè почесто добиваат пораки од љубителите на хард рок звукот од скоро сите поранешни југословенски републики, па наскоро ќе организираат и мини турнеја: „По успешните настапи на англиската турнеја, се надеваме дека ќе настапиме и во регионот. Веќе два пати бевме одлично прифатени во Сараево, но имаме желба да настапиме во што повеќе градови од просторот на поранешна Југославија. Сите зборуваме на приближно ист јазик и нема смисла да се ограничуваме само на Хрватска“, порача Голе.



Врати се горе ↑