Настани bf

10 јуни, 2015

„Баскерфест“ на нова локација и со изненадување за најмладите посетители

Сè е подготвено за јубилејното издание на „Баскерфест 2015“. По 10 години овој фестивал прерасна во најурбаниот и најпосетуваниот уличен фестивал на Балканот со над 100 учесници од 50 земји во светот. Оваа година локацијата на одржување е плоштадот „Филип II“ (до Камениот мост, кај музејскиот комплекс), со престави на два стејџа и Пивска градина со настапи на музичари од Македонија, но и странски бендови.

Секојдневно од 18.00 до 22.00 часот ќе има уличен театар, жонглери, кловнови, шоу со оган, одење по жица, магионичари, брејкденсери и аниматори, а до 01.00, односно за викенд до 02.00 публиката ќе може да ужива во настапи во живо на македонски музичари, како и на гостите од странство. Нина Јанева, Дани Димитровска, „Барбароса“, „Хаудс“ (The Hounds) се само дел од изведувачите во Пивската градина.

Годинава за првпат на „Баскерфест“ ќе има и детска работилница за мали креативци. Секој ден од 18.00 до 21.00, најмладата публика ќе може да се едуцира и да се забавува во посебното катче каде што ќе другаруваат со баскер изведувачите.

Фестивалот во Скопје започнува на 12 јуни, а ќе трае сè до 21 јуни. Напоредно со викенд отварањето во Скопје, „Баскерфест“ ќе има и во Гевгелија и Кавадарци, а понатаму и низ другите градови во Македонија (Македонска Каменица, Битола, Берово, Велес, Крива Паланка, Охрид, Пехчево, Крушево, Виница, Радовиш, Кочани) сè до 13 јули.

Време е за радост, време е за улична уметност.

10 години „Баскерфест“, 10 години забава во градот!



Врати се горе ↑