Барбра Страјсенд (сè уште) има најголем број платинести албуми во историјата
Сите знаеме дека Барбра Страјсенд е икона, но сега уште еднаш го потврди својот статус на жива легенда. Имено, нејзиниот триесет и четврти по ред, студиски албум „Partners“, кој го објави минатата година и кој доби и номинација за претстојните Греми награди, неделава и официјално стана нејзино 31. платинесто издание.
72-годишната пејачка и актерка го продолжи статусот на женски уметник со најголем број платинести албуми во историјата на Здружението на музичките сниматели на Америка (RIAA), a со овој рекорд уште повеќе ја зголеми предноста пред колешките Риба Мекинтајр (19), Мадона (17) и Мараја Кери (13). Покрај тоа, позади себе има и 53 златни, 14 мулти-платинести и десет број 1 изданија, а во септември минатата година стана и првиот изведувач со број 1 албум во секоја од последните шест децении.
Во продолжение уживајте со изведбата на дуетот со Мајкл Бубле, „It Had To Be You“, кој се најде на минатогодишниот албум „Partners“.