Аудио

28 октомври, 2018

Барбра Страјсенд ја опеа Статуата на слободата

Ни Барбра Страјсенд не остана имуна на политичките и општествените текови во САД по победата на актуелниот претседател Доналд Трамп. 76-годишната пејачка и актерка следната недела ќе го објави својот 36. студиски албум симболично насловен „Walls“ (Ѕидови), а освен најавниот сингл посветен на Трамп, на претстојното издание ќе се најде и штотуку објавената песна „Lady Liberty“, во којa опеа една од најпознатите американски знаменитости – Статуата на слободата.

„Кога Дезмонд Чајлд ми ја пушти ’Lady Liberty’, ми кажа дека кога ја пишувал, на ум ја имал последната сцена од филмот ’Смешна девојка’ каде што бродот поминува пред Статуата на слободата“, откри Страјсенд за оваа емотивна балада. „Статуата на слободата е како факел, светол зрак на надежта што дочекал генерации на мажи, жени и деца на нашите брегови. Тие доаѓаа од различни земји, различни култури и религии, зборуваа различни јазици… тие дојдоа во потрага по истиот американски сон“, објасни таа, додавајќи дека прашањето за имиграцијата е комплексно, но на крајот од денот „сите ние сме имигранти“.

 

Меѓу 11-те песни на новиот албум ќе се најдат и две преработки, како што се „What The World Needs Now Is Love“, оригинално отпеана од Џеки ДеШенон во 1965, и „Imаginе“ од Џон Ленон со „What A Wonderful World“ од Реј Чарлс споени во една, како и темата што го заокружува изданието – „Happy Days Are Here Again“ – која Страјсенд првпат ја отпеа во 1962 година.

„Walls“ ќе биде објавен на 2 ноември за „Колумбија рекордс“.



Врати се горе ↑