Настани BMS_2013

6 август, 2013

Балкански Музички Плоштад 2013

Во организација на продуцентската куќа „Трето Уво” на 9-ти и 10-ти август во Античкиот Театар во Охрид, со почеток во 21.30 часот, ќе се одржи дванаесетото по ред издание на традиционалниот музички фестивал Balkan Music Square. Првата фестивалска вечер ќе ја отвори виртуозот на хармоника Горан Алачки, а по него ќе настапи српската група Златопис од Белград, предводена од рок легендата Љуба Нинковиќ.

Втората фестивалска вечер ќе ја отвори македонската група Ла Колони Волвокс, предводена од Сашо Гигов – Гиш, а веднаш по неа свој целовечерен концерт ќе одржи групата која ги освои срцата на Европа, на овогодинешното издание на Евровизија во Малме, Коза Мостра од Грција.

Куриозитет на овој престижен фестивал е дека и оваа година влезот е БЕСПЛАТЕН!
Фестивалот е финансиран исклучиво од спонзори и донатори: Министерство за култура на Република Македонија, T-Mobile и Македонски Телеком, Стопанска банка АД Скопје, Винарија Стоби, ЕВН Македонија, Општина Охрид и Хотел Де Лаго.

09.08.2013 (петок)

Горан Алачки – Македонија

Горан Алачки е еден од најдобрите македонски инструменталисти на хармоника. Тој почнува да свири хармоника од својата осумгодишна возраст, а веќе на 12 години почнува со професионални снимки како член на Октетот Македонија.

Уште како многу млад и талентиран музичар Алачки почнува со гостувања и настапи на странските сцени, а и ден денес тој постојано е на концерти и турнеи низ целиот свет: Велика Британија, Германија, Франција, Шведска, Данска, Австрија, Италија, Канада, Америка, Австралија, итн. Во 1986 година Алачки ја освои престижната награда „Најдобар хармоникаш на Македонија“.

По завршување на Музичката Академија тој станува член на Ансамблот на народни интрументи при МРТВ, а од 1992 до 1997 година во студиото „Маестро“ ги снима и продуцира песните на скоро сите поголеми македонски фолк фестивали.

Горан Алачки е автор и продуцент на над 300 композиции. Од 1999 година тој е директор на „Музичкото училиште – Горан Алачки“. Тој активно држи часови, предавања и „воркшоп“ работилници промовирајки ја македонската традиционална музика насекаде низ светот.

Група „Златопис“ – Србија

Зборот „златопис“ е средновековна техника на рачно копирање на текстови во злато. Ова име го носи групата која во себе вклучува музичари од различни генерации предводени од легендарниот белградски рокер Љуба Нинковиќ, чија музичка кариера се протега од средината на 1960 година, како основач и член на групите С времена на време и Тунел. Тие заедно прават спој на традиционалните српски хармонии и ритмови, унисоно и полифонично пеење, со модерната продукција на т.н. “world music“ зачинето со елемeнти на психоделичниот фолк рок.

Тие го почнаа ова патување од верувањето дека постои заедничка основа што ја прави традиционалната музика на една нација разбирливa за другите. Кога ќе се стави сето тоа во рамките на современиот музички израз, таа лесно може да одговара на современиот слушател со изградба на двонасочен автопат во неговиот ум – кон заедничкото потеклото на цивилизацијата и назад.

Групата е составена од: Љуба Нинковиќ – македонска мандолина, гитара и вокал, Дејан Шкопеља Шкопи – бас гитара, Горан Петровиќ Ушке – тапани и перкусии, Небојша Брдариќ – ерменски дудук, српска гајда и кавал, Бојана Брдариќ – вокал, Јелена Пецаранин – вокал, Александра Самолов – виолина.

 

10.08.2013 г. (сабота)

Група „Ла Колони Волвокс“ – Македонија

Групата Ла Колони Волвокс постои од 2002 година и е насочена кон култивирање на акустичниот звук. Во своето музичко истражување, допирајќи се посредно и непосредно со феноменот „world music“ продуцираше нов тип на музички израз, во кој мело-поетските мотиви од европското музичко наследство, суфи музиката и современите музички идиоми се вкрстуваат низ македонската вокална и инструментална традиција, резултирајќи со автентичен етно-глобален производ во кој се инкорпорирани песни на македонски, окситански, француски, латино, англиски, турски, босански и други јазици.

Основната интегративна идеја е да се допре до суштината на трубадурската песна и нејзината универзална порака – љубовта. Групата досега има издадено пет албуми, а настапила на голем број фестивали во странство меѓу кои и EXIT во Нови Сад, Србија. Групата се состои од шест музичари: Сашо Гигов – Гиш – вокал, перкусии, Калина Велковска – вокал, перкусии, Предраг Икономовски – акустична гитара, вокал, Драган Стојковски – тамбура, укулеле, вокал, Ненад Неделков – тамбура, вокал и Гоце Наумов – перкусии, вокал.

Група „Коза Мостра“ – Грција

Коза Мостра, со својот настап на Евровизија 2013 во Малме (Шведска), стана еден од најомилените бендови. И покрај фактот што тие го освоија шестото место во финалето, тие успејаа да го освојат првото место во срцата на повеќето Европјани. Кога Илијас Козас, пејачот и фронтмен на групата, ја компонираше „Alcohol is free“ пред една година, тој дури и не можеше да поверува дека насловот на неговата песна ќе стане симбол на слободата и оптимизмот.

Нивната исклучителна фузија на многу музички жанрови, вклучувајќи ска, балкански, рок, панк, инди, дури и ребетико (традиционална грчка музика), го позиционира Коза Мостра како бенд кој не е навистина далеку од врвот. Во март оваа година, групата Коза Мостра, го издаде нејзиниот прв албум, насловен „Keep up the Rhythm“, во чија изработка, тие имаа чест да работат заедно со Пол Хитер, уметникот кој стои зад поголемиот дел од креативата на позната група Гогољ Бордело.

Групата Коза Мостра ја сочинуваат: Илијас Козас – пејач и гитара, Крис Калаицопулос – хармоника и вокали, Алекс Архонитис – тапани и волаки, Стелиос Сиомос – гитара, Василис Налмпантис – труба и Димитрис Христонис – бас.



Врати се горе ↑