Настани

31 октомври, 2017

Балкански ѕвезди на битолскиот „Фестивал на музика од светот“

Балкански ѕвезди ќе настапат на годинашниот „Фестивал на музика од светот“ во Битола, кој ќе се одржи следниот викенд, на 10 и на 11 ноември во големата сала на Центарот за култура – Битола. Првиот ден е резервиран за домашните имиња „Љубојна“ и специјалниот гостин Џамбо Агушев, а следниот ден ќе настапат босанскиот лирски тенор Божо Вречо и составот „Џипси грув“, кој изведува автентична балканска ромска музика.

Од Центарот за култура најавија дека се подготвени за ова деветто издание на фестивалот, кој е еден од најпосакуваните и најпосетувани музички манифестации во градот во текот на годината. Селекторот на фестивалот, Оливер Јосифовски рече дека годинава фестивалот е насочен на музика од Балканот.

„Таканаречната ’балканската музичка струја’ е така густа и содржајна и на сите светски фестивали ги очекуваат сите тие имиња со големо нетрпение и внимание. Во Битола ќе настапат бравурозни имиња, како Божо Вречо, нов изведувач на севда-музиката, со неверојатна експресија, и составот ’Џипси грув’, момци кои сакаат да докажат дека Балканот е простор полн со крвоток и дека во политички контекст треба слободно да се испочитуваат сите стилови на овој простор“, рече Јосифовски.

Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и Општина Битола.

Извор: tera.mk



Врати се горе ↑