Балкан Bajaga i Instruktori by BalkanEvents

25 септември, 2014

„Бајага и инструктори“ одат во Америка

„Бајага и инструктори“ после пет години се враќаат во Северна Америка со турнеја која во текот на октомври ќе ги опфати градовите Чикаго, Торонто, Ванкувер, Едмонтон, Њујорк и Вашингтон.

„Многу ми е мило што одиме таму во годината кога прославуваме три децении постоење на бендот. Секоја турнеја во Канада и САД ни значи многу заради средбите со фановите и пријателите кои живеат таму. Редно е и со нив да ги прославиме нашите 30 години“, вели Момчило Бајагиќ.

Групата ќе ја започне оваа турнеја на 10 октомври во „Ники Чикаго Најтклаб“ во Чикаго, по што следат настапите во „Опера Хаус“ во Торонто на 11 октомври и „Империјал“ во Ванкувер на 12 октомври. Потоа, на 17 октомври е закажан настап во „Канадиан Друз Центар“ во Едмонтон, на 18 октомври во „Вебстерхол“ во Њујорк и 19 октомври во „Д Салса рум“ во Арлингтон (дел од главниот град Вашингтон).

„Сите кои ќе дојдат на концертите ќе имаат можност да слушнат избор од најголемите хитови. Едвај чекам да им ги отсвириме на нашите фанови! Во Канада и Америка одиме по петти или шести пат, а во Вашингтон одиме прв пат. Особено ми е мило што повторно ќе свириме во ’Опера Хаус’ во Торонто, бидејќи според мене тоа е најдоброто место за свирка во Канада“, додава Бајага.

 

Во „Опера Хаус“, која е сметена во зградата на некогашниот водвил театар од почетокот на ХХ век во Торонто, меѓу другите свиреле и „Рејџ агенст д машин“ и Еминем, а особено е интересен и њујоршкиот „Вебстерхол“, за кој се вели дека во текот на прохибицијата го поседувал озлогласениот гангстер Ал Капоне! Во педесеттите години таму се наоѓало студиото на компанијата „Ар-си-еј (RCA)“, каде што снимале Френк Синатра, Елвис и Боб Дилан, а од осумдесеттите години наваму, концерти одржувале „Јуту“, „Симпл Мајндс“, „Кјур“, Мадона, Принс, „Килерс“, Џек Вајт….

Концертите во Северна Америка се дел од славеничката турнеја по повод 30 години постоење на „Бајага и инструктори“, односно од излегувањето на првиот албум „Позитивна географија“ (1984). Северноамериканската турнеја ја организира  канадско-американската копродукција „Шоубиз продакшн инк.“(Владимир Булатовиќ) и „Пјур лајв мјузик“ (Ејси Марсениќ).

 Фотографија: Брајан Рашиќ



Врати се горе ↑