13 декември, 2012

Бајага и инструктори имаат нов спот

Групата Бајага и инструктори деновиве го промовираше новиот спот за насловната нумера од нивниот најнов албум „Даљина, дим и прашина“. Екранизацијата ја режираше сплитскиот режисер Жаре Батиновиќ, додека главната улога му припадна на српскиот актер Срѓан Тодоровиќ.

„Ова е трет спот од новиот албум, а во прашање е еден вистински рокерски спот. Одделни кадри се снимени во стидио, а некои во еден напуштен стан во Белград. Жаре предложи Срѓан Тодоровиќ да игра во спотот. Жика е наш голем пријател, а ние и самите би го поканиле ако се сетевме на тоа.“ – изјавил Момчило Бајагиќ Бајага за српски Блиц, додавајќи дека наскоро ќе следува снимање на уште четири видео записи.

Режисерот Батиновиќ го избрал Тодоровиќ бидејќи е негов голем фан. Покрај актерот, на предлог од режисерот, во спотот се појавува и модната креаторка Маја Вељковиќ која во спотот со Тодоровиќ се вози во кабриолет. Гитаристот на бендот Жика Миленковиќ е задоволен од соработката со режисерот: „Особено ми е драго што е реализирана соработка меѓу Сплит и Белград, два водечки града во регионот. Драго ми е и што Жика Тодоровиќ учествува во спотот, тој е ѕвезда водилка, барем во визуелна смисла“– рекол музичарот.

На промоцијата на спотот, покрај режисерот и членовите на бендот, присуствуваа и Звонимир Ѓулиќ Ѓуле, Жељко Самарџиќ, Срѓан Тодоровиќ и други. Бајага и инструктори до крајот на декември ги очекуваат концерти во Марибор и Љубљана, како и новогодишниот настап во Златибор. Групата има намера до средината на јуни, по завршувањето со работата, на стадионот Ташмајдан,  на кој ја започна својата кариера, да одржи голем солистички концерт.

Извор: Blic.rs/фото: Александар Зец



Врати се горе ↑