Балкан bajaga

30 јануари, 2013

Баjага во комисијата за Беосонг

На конкурсот за Беосонг, фестивалот на кој ќе се избере песната со која Србија ќе се претстави на претстојниот Евросонг во Малме, се пријавени 171 композиција, пишува српски Блиц. Одлуката кои 15 изведувачи ќе одат на фестивалот ќе ја донесе десеточлена комисија, во која ќе биде и Момчило Бајагиќ Бајага.

Менаџерот на бендот Бајага и инструктори, Зоран Вуловиќ Вуле потврдил дека популарниот пејач ќе ги избира песните кои ќе бидат претставени на Беосонг 2013.

„Бајага ја прифати поканата да биде во таа комисија, која е своевидно жири, но многу е важно да се истакне дека тој е само еден од десетте кои ќе ги избираат песните. Бајага не претседава со жирито, ниту пак ќе знае кои се останатите членови. Секој член од жирито ќе ги преслуша пристигнатите композиции и ќе даде своја листа од 15 најдобри. Гласовите од сите членови на жирито ќе се собираат, а оние кои ќе имаат најмногу гласови ќе одат на Беосонг“ – изјавил Вуловиќ.

Потоа претставникот за Песна на Евровизија 2013 ќе го одберат граѓаните на Србија, исклучително по пат на СМС. Имено, фестивалот ќе се одржува на 2-ри и 3-ти март, во текот на првата вечер ќе се натпреваруваат 15-те одбрани композиции, а публиката ќе одбере 5 најдобри. Потоа, одбраните финалисти ќе се претстават пред публиката на 3-ти март, а еден од нив, исто така само со гласовите на публиката, ќе биде изгласан за претставник на Србија во Малме.

Меѓу пријавените годинава најверојатно се и финалистките на музичкото шоу „Првиот глас на Србија“, Мирна Радуловиќ, Сара Јовановиќ и Невена Божовиќ, за кои Марина Туцаковиќ и Саша Милошевиќ Маре специјално изработиле песна според нивните гласовни можности. Познато е дека композиција испратиле и ОТ бенд, предводени од Вукашин Брајиќ и Ѓорѓе Гогов од истоименото шоу „Операција Триумф“, потоа Маја Николиќ, Ненад Цвијетиќ, Фрајле и други.

Иако деновиве се шпекулираше дека Наташа Беквалац го ангажирала Жељко Јоксимовиќ за да изработи песна за неа, сепак и двајцата ја демантираа таа вест. Наташа изјавила дека во моментов е фокусирана само на привршувањето на нејзиниот нов албум, додека Жељко рекол дека годинава сигурно ќе направи пауза во однос на Евросонг, а понатаму можеби ќе се појави само како автор, но не и како изведувач.

Извор: Blic.rs



Врати се горе ↑