Концерт tomislav zografski-koncert

27 март, 2014

Авторски концерт на Томислав Зографски утревечер во ФМУ

На 28-ми март (петок) во Концертната сала на Факултетот за музичка уметност – Скопје ќе се одржи авторскиот концерт на Томислав Зографски (1934-2000), по повод 80 години од неговото раѓање. Томислав Зографски е еден од најистакнатите македонски композитори чијшто обемен и разновиден творечки опус со дела од речиси сите жанрови, вклучително  и монументалните симфониски и ораторијални остварувања, претставува непроценлив влог во ризницата на македонската музичка култура. Томислав Зографски беше долгогодишен професор по композиција и теориски предмети на Факултетот за музичка уметност – Скопје во чијашто класа дипломирале голем број македонски композитори кои што се денес меѓународно афирмирани. Томислав Зографски бил Претседател на Сојузот на композиторите на Македонија и е добитник на повеќе државни и стручни награди меѓу кои Државната награда „11 Октомври“ и наградата на СОКОМ „Трајко Прокопиев“. На програмата на концертот се дела на Томислав Зографски – од најраните до подоцнежните опуси, со што ќе се претстават различните страни од неговиот творечки лик.

„Со овој концерт во чест на професорот Томислав Зографски, Факултетот за музичка уметност го дава својот придонес за прославувањето на 80-годишниот јубилеј на овој голем македонски композитор и педагог – прославување кое веќе почна да се одвива и во кое се предвидени повеќе активности кои ги координира Фондацијата „Томислав Зографски“. Воедно, овој концерт е дел од специјалниот концертен циклус на Факултетот за музичка уметност – Скопје кој се одвива повеќе години и носи наслов „Од страниците на творештвото на…“, а им е посветен на истакнатите композитори – професори на ФМУ. На концертот во чест на Томислав Зографски учествуваат голем број студенти од сите изведувачки катедри, а ќе настапи и нашиот добро познат оркестар „Солисти на ФМУ“ кој го раководи проф. Велко Тодевски. За младите изведувачи е вистински предизвик да ја интерпретираат музиката на македонските композитори и музиката на Томислав Зографски, да се запознаат со неговиот стил и израз, да ги допрат длабочините на неговите идеи… Голем придонес во тоа даваат професорите и уметничките соработници на ФМУ – Скопје, пренесувајќи ги своите искуства на студентите“ – вели Деканот на ФМУ – Скопје проф. м-р Гордана Јосифова-Неделковска.

Концертот ќе започне во 19 часот, влезот е слободен.



Врати се горе ↑