Концерт kolarovski

3 февруари, 2014

Авторски концерт на Гоце Коларовски

На 5-ти февруари (среда) во концертната сала на Факултетот за музичка уметност – Скопје ќе се одржи авторскиот концерт на Гоце Коларовски (1959-2006), по повод 55 години од неговото раѓање. Животот и дејноста на Гоце Коларовски претставуваше пример на ретка посветеност и самосогорувачка работа во повеќе области на македонската музичка култура. Истакнат композитор чиешто творештво стекна признание во повеќе земји; долгогодишен професор и Декан на Факултетот за музичка уметност во Скопје, создавач на бројната класа по композиција од која произлегоа повеќе успешни композитори од помладата генерација; активен деец на домашните и меѓународните професионални асоцијации; автор на повеќе научни трудови од областа на музичката култура и образование – сè ова го вбројува Гоце Коларовски меѓу водечките личности во македонската музичка и духовна култура. На програмата на концертот се дела кои Гоце Коларовски ги создавал низ целиот негов творечки век, со што присутните на овој настан ќе имаат можност да се запознаат со различните сфери на неговата творечка личност.

„Со овој концерт во чест на Гоце Коларовски, токму на денот на неговото раѓање 5-ти февруари, Факултетот за музичка уметност му оддава почит на ликот и делото на овој голем уметник, педагог и човек кој, за жал, не е веќе меѓу нас. Учеството на нашите студенти на овој концерт е од особено значење – за нив тоа е можност да се запознаат „одвнатре“ со музиката на Гоце Коларовски, а со тоа и да ја доловат неговата личност. За голем број од нив ова е и прва можност сериозно да се зафатат со современата музика, да го прошират својот репертоар и погледот на музичката уметност – секако, со голема помош на нивните професори и уметнички соработници кои даваат несебичен придонес во подготовката на овој проект. Воедно, со овој концерт ФМУ го обновува специјалниот циклус концерти насловен „По страниците на творештвото на…“ посветен на истакнатите композитори – професори на ФМУ кој почна да се одвива на нашата институција токму по иницијативата на Гоце Коларовски“ – вели Деканот на ФМУ – Скопје проф. м-р Гордана Јосифова-Неделковска.

На програмата на концертот се делата за различни инструметни и изведувачки состави кои ќе прозвучат во изведбата на студентите од класите по пијано, флејта, соло пеење и камерна музика, а ќе настапи и камерниот оркестар „Солисти на ФМУ“ под диригентство на истакнатиот уметник проф. Велко Тодевски. Симболичното мото на оваа вечер „Ќе се пробудам ли пак…“ е насловот на вокалниот циклус на стиховите од Христо Петрески кој е дел од програмата. На концертот ќе се остварат и неколу премиерни изведби.

Концертот ќе започне во 19 часот, влезот е слободен.

 


Врати се горе ↑