Македонија

22 јануари, 2018

Авторите реагираат на поништените одлуки за субвенциите

Неодамнешната одлуката на претставниците на Министерството за култура и на Македонската радио-телевизија да се прекине примената на Законот за поддршка на домашната музичка продукција, поради тоа што тој не ја исполнува функцијата за која е донесен, предизвика лавина реакции во јавноста. Пред сѐ, на удар се најдоа авторите на кои државата легално требаше да им исплати субвенции за композиции, за вториот и за третиот квартал од 2017 година, меѓу кои се познатите македонски автори и изведувачи Ѓорѓи Крстевски, Александар Ристовски-Принц, Дарио Панковски и Кристијан Габроски.

Тие посочуваат дека се чувствуваат оштетени поради тоа што се цел на напади и навреди, а и самите не знаат точно за што. За износите што ги добиле велат дека не се точни, бидејќи морале да платат данок, а имале и трошоци за снимање, музичари, придружни вокали… Од друга страна, некои од инволвираните автори велат дека и самите не биле задоволни од законот и од неговата примена и оти неколкупати барале да се сретнат со претставници на МРТ и на Министерството за култура, но тоа не им било овозможено. Тие наведуваат и дека законот е сè уште во сила и така ќе биде сѐ додека во Собранието не биде изгласано неговото укинување и објавено во „Службен весник на РМ“, а за неправдите што им се нанесени ќе се борат и по судски пат.

Ѓорѓи Крстевски нема ништо против да престане да се применува законот во иднина, доколку тоа е визијата на луѓето што ја креираат културата во нашата земја, а времето ќе покаже дали биле во право и кои ќе бидат мерките што ќе ги преземат за создавање подобри услови за музичарите и музичката сцена во Македонија, која е веќе на коленици.

„Но, она што е апсурдно е тоа што ретроактивно се поништуваат одлуки што се донесени според закон што постои. Тука е проблемот, затоа што во законот е предвидено да се конкурира со готова или со демо-песна, што подразбира изработка на музика, текст, аранжман, снимања, ангажирање музичари, инструменталисти, придружни вокали, студиски и продукциски трошоци, кои ги плаќате од сопствен џеб. Што значи изведувачот и авторите самите инвестираат пари и време за да може да конкурираат во согласност со законот. На тоа додадете нотарски и други трошоци за обемната документација што се бара според законот. Така што јасно е колку голема неправда и штета им се нанесува на изведувачите, авторите и на сите инволвирани страни што инвестирале сопствени средства за да конкурираат, со ретроактивно поништување на 5 според закон објавени и завршени квартали каде што претпоставувам се стигнати 500 и повеќе песни“, посочи Крстевски.

Целиот прилог прочитајте го во „Нова Македонија“.

Извор и фотографија: Нова Македонија



Врати се горе ↑