За Вас

4 април, 2018

Автентичната домашна музичка сцена доби место во „Македонска рок-енциклопедија“

На 400 страни, со 333 македонски музички состави, со 2.000 споменати музичари и околу 400 црно-бели фотографии, по повеќе од шест години истражувачка работа конечно ќе биде објавена „Македонска рок-енциклопедија“.

„Од денес, па во следните 40-ина денови, ја имате можноста вашиот примерок од Енциклопедијата да го купите/резервирате однапред, како издание во ограничен тираж, нумерирана и рачно потпишана, по поефтина цена од продажната, со бонус – скромни подароци. Ова е и начинот на кој можете да го поддржите навременото и квалитетно печатење на Енциклопедијата. Низ книжарниците ќе може да се набави од 9 април 2018 година. Наскоро ќе ве информираме и за денот и местото на промоција на Енциклопедијата!“, стои во објавата на „Македонска рок енциклопедија“ која деновиве од први април се шири преку Фејсбук.

Издавач на енциклопедијата е „Корпус деликти рекордс“. Се работи за авторско дело на музичкиот новинар Тошо Филиповски, кој години наназад е буден набљудувач, поддржувач, критичар и учесник во рокенрол-културата и автентичниот урбан музички живот.

Оттука и ециклопедијата ќе содржи биографии на разни состави – рок, џез, блуз, електроника, хип-хоп, ворлд мјузик, поп-рок, панк, хеви-метал, реге, ска… Содржи автори од периодот од 1963 до 2018 година кои создавале на тлото на Македонија, а со тоа активно дејствувале во креирање и развој на сцената.

Засега, најавено е издавање на прв том од енциклопедијата.

„Пријатели, поддржувачи, музичари, почитувачи на сопствената музичка историја, чувари на културното богатство… ја очекувам вашата поддршка за навремено и квалитетно издавање на капиталното дело: ‘Македонска РОК Енциклопедија (1963 – 2018), Прв Том’. Првите  500 примероци се во ограничен тираж, своерачно нумерирани и потпишани, со бонус македонска цеде-компилација (History of Macedonian Punk/HC Vol.1 1979-2001) + налепница“, стои во соопштението на „Македонска рок енциклопедија“.

Цената во претпродажба во Репубика Македонија е 1.800 денари + 100 ден поштарина, а за странство е 30 евра + 10 евра поштарина.

Извор: РадиоМОФ



Врати се горе ↑